Што се добива доколку се измешаат елементи на roguelite, bullet hell и platformer, а потоа зачинат со шармантна ретро-инспирирана дводимензионална графика? Талентираното студио Knight Shift Games го дава отвоворот на прашањето со нивната најнова игра – Elsie!
Elsie е забавен платформер во кој користите најразлични оружја и способности низ ранови кои се одликуваат со процедурално создадени стази и предизвикувачка армија од роботи.
Благословена клетва
Elsie се одвива на планетата Екис. Благодарение на изобилството од природни ресурси, планетата е како магнет за бројни експерименти и научни достигнувања. Овој благослов, меѓутоа, доаѓа со тешка клетва. Имено, светот е познат по бројни природни катастрофи и единствен начин за да се стави крај на нив е да се создаде тим од чувари кои ќе знаат како да се справат со предизвиците. Играјќи со Elsie, ќе биде потребно да скокате од една кон друга страна, да одбивате агресивни напади и да пеплосате сѐ што ќе ви се испречи на патот, почнувајќи со стандарни, а завршувајќи со супериорни противници.
Со оглед на тоа дека Elsie е чистокрвен roguelike, убавината во оваа игра е преку константното умирање и одново пробување да се помине што е можно повеќе низ преубавиот свет.
За да успеете во навидум невозможната мисија, имате на располагање арсенал од оружја и способности. Секое од оружјата се интересни за играње, особено делот со отклучување најразлични надградби и вештини. Многу елементи може да се комбинираат за да се направи уште поголема штета на непријателите. А, кога сме кај нив, непријатели и босови има за извоз. Доколку од секогаш сте сакале да уништувате непредвидливи роботски креации, Elsie ќе знае како да ви излезе во пресрет.
Повторуваме дека ова не е лесно и потребно е да ги учите движењата на непријателите, да имате брзи рефлекси за навремено одбивање удари и да знаете како да извлечете максимум од вашите оружја и способности (особено преку делот со синергии). Покрај графиката, за пофалба се и звучните ефекти, како и музичката подлога, до тој степен да во одредени ситуации паузиравме со напредувањето само за да уживаме во чистите цртежи и милозвучните ноти.
Elsie е забавен акционен roguelite во кој покрај бројни битки ќе уживате во истражување на детално разработени светови полни со платформерски можности. Топла препорака, особено доколку цените игри со висока вредност на преигрување. Благодарение на процедурално генерирање стази, секој ран во Elsie е поразличен од претходниот. Дополнителна свежина се воведува не само со рандомното сервирање најразлични способности, туку и со комплексниот систем од трајни надградби.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Knight Shift Games
- Издава: Playtonic Friends, H2 Interactive
- Жанр: roguelite
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезена на: 10 септември 2024