Од сите можни научно фантастични филмови, досега најпривлечна технологија ми била Head Mounted Displays или екрани што можат да се постават врз глава. Чекор по чекор, компании низ целиот свет се доближуваат поблиску до оваа технологија. Цената на овие производи се симна од илјадници долари пред неколку години, до доста прифатливи 500 долари.
Помислата дека можам да си пристапам до електронска пошта, или да проверам што се случува во светот, додека чекам на ред во банка е прилично примамлива. Воедно екран поставен пред очите не носи во една уште поблиска симбиоза со информациите и технологијата. Веројатно еден ден и образовните институции ќе се соочат со фактот дека светот се менува и ќе ги признаат ваквите технологии како протеза или додаток, кој е легална екстензија на човекот.
Додека чекаме тој ден да дојде, Lumus, компанијата што веќе беше присутна на CES со екрани што можеме да ги носиме на глава, сега го покажува својот најнов модел на екран што може да се фиксира врз капа, или наочари и кој може да поставува информации врз тоа што гледате низ него. Иако резолуцијата е само 640 x 360, од Lumus тврдат дека тоа е доволно за читање текст и пристапување до други информации, а несомнено дека оваа пониска резолуција ќе допринесе цената да биде исто така попристапна.
Има доволно интерес од страна на тие што сакаат да користат најнова технологија, но секојдневниот купувач сè уште не може толку лесно да пристапи и влезе во интеракција со вакви уреди. Можеби едноставно треба на пазарот да влезе компанија која е ИТ ветеран, за овие технологии повеќе да се пробијат. Постојат сериозни гласини дека до крајот на годината Google ќе продава наочари со пристап до интернет, видео камера, софтвер за лоцирање на корисникот, се тоа користејки го Android.
[youtube]IqE2vB6KjUA[/youtube]