Од април 2021 година, македонската компанија Еконет премина во сопствеништво на Synami. Synami веќе 20 години успешно делува на домашниот, но и на меѓународните пазари. Аквизицијата доаѓа по најавите за раст и проширување, како по бројот на вработени, така и за развој на нови напредни софтверски решенија и продукти на Synami.
Зад двете компании стои искусен тим од ИТ професионалци. Спојувањето отвора нови можности и перспективи за освојување нови меѓународни пазари, особено имајќи го предвид исклучително големиот потенцијал кој го нуди индустријата, сметаат во Synami и „Еконет“.
„Проширувањето на Synami кој од неодамна функционира како самостоен бренд е само логична последица на нашата бизнис стратегија за раст на компанијата. Имаме навистина огромен потенцијал и верувам дека овој чекор само дополнително ќе придонесе за исполнување на нашата амбициозна визија за развој. Располагаме со силни човечки ресурси, односно добро подготвен и мотивиран кадар со повеќедецениско искуство на кој сега му се придружува и нов тим од висококвалификувани ИТ професионалци, па сигурен сум дека со овој состав ќе го одржиме растот кој веќе го имаме во Европа и Северна Америка, но и ќе продолжиме со освојувањето нови пазари.“, истакна Бојан Тасевски, извршен директор на Synami .
„Еконет“, е еден од пионерите на македонскиот ИТ-пазар. Основана во 1999 година, компанијата е овластен дистрибутер на продуктите од реномираниот глобален бренд Cisco за Македонија, Албанија и Косово, а подоцна станаа овластен дистрибутер и за Microsoft. Следењето на глобалните трендови во ИТ индустријата, навремената дистрибуција на најсовремените ИТ продукти, како и искуството во обезбедување консултантски услуги за дизајнирање и имплементација на технички решенија за голем број компании, беа главен мотив за „Еконет“ во 2016 година и самата да започне со развој на нови софтверски решенија и услуги.
„Еконет е една од првите домашни ИТ компании со традиција подолга од 20 години. Спојувањето со реномираната компанија „Синами“ е продолжување на нашата успешна приказна, но и нов почеток кој ни отвора можност за уште поуспешно делување во ИТ секторот. Повеќедецениското искуство кое го носат нашите кадри ќе обезбеди дополнителна вредност за тимот на „Синами“ во справување со динамичното темпо на работа, а со примена на нашите вештини, сигурен сум дека ќе придонесеме и во континуираниот развој на нови, напредни производи. Навистина сме среќни што се придружуваме на искусен тим кој постигнува исклучителни резултати и на меѓународниот пазар и веруваме дека заедно ќе се позиционираме уште подобро и ќе постигнеме уште повеќе.“, изјави Иво Лазаревиќ од „Еконет“.
Synami е софтверска компанија која делуваше речиси 20 години во рамките на Seavus, а по аквизицијата на Seavus од страна на чешката групација АРИКОМА, компанијата се издвои како нов, самостоен бренд. Во клиентите на Synami денес се вбројуваат дури 70% од најуспешните Fortune 500 компании, како Airbus, Rolls Royce, McLaren, SAP, Tesla и слични профили на клиенти од различни индустрии со просечен број од 40.000 вработени.