Македонските млади информатичарки и оваа година пријатно нѐ изненадија. На четвртата по ред Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2024), која се одржа од 21 до 27 јули во Велдховен, Холандија, најдобрите ученички информатичарки освоија две бронзени медали. Бронзените медали за Македонија ги освоија Јована Трифуноска од Тетово и Атина Рувинова од Охрид.
Покрај Јована Трифуноска и Атина Рувинова дел од тимот беа и Сара Стефановска од Крива Паланка и Антонела Владева од Свети Николе. Тимот го предводеа д-р Миле Јованов и д-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Македонските учеснички беа дел од 130 натпреварувачки од 37 држави од Европа и 65 ученички од 19 држави од остатокот на светот.
Изборот на најдобрите информатичари се прави преку циклус натпревари кои се одржуваат преку цела година. Натпреварите како и досега ги организира и помага во нивното одржување Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).
Заедно со последните две медали, македонските учеснички на досегашните изданија на Европската олимпијада имаат освоено вкупно 1 сребрен и 6 бронзени медали, што е одличен резултат. Европската олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД) е релативно нов натпревар, наменет само за ученички – средношколки кои се заинтересирани за изучување на компјутерските науки. Целта на натпреварот е да ги промовира женското учество и застапеност во областа на информатиката преку обезбедување платформа за талентираните ученички да ги покажат своите вештини и да се натпреваруваат на меѓународно ниво. Оваа олимпијада игра клучна улога во охрабрувањето на повеќе девојки да изберат кариери во компјутерските науки и сродните области, каде жените често се недоволно застапени. Преку обезбедување на пријатна и натпреварувачка средина, ЕОИД има за цел да ги инспирира и да им овозможи на девојките да се истакнат во полето на информатиката, вели менторот на тимот Миле Јованов.
Форматот на натпреварување е сличен на останатите натпревари, како што е Интернационалната олимпијада по информатика (ИОИ). Учесниците треба да решат низа алгоритамски и проблемски задачи во зададен временски период. Главниот дел од настанот се одржува во два дена, во кои ученичките решаваат комплексни проблеми преку дизајнирање и имплементирање на соодветни ефикасни алгоритми. Натпреварот не само што ги поттикнува техничките вештини, туку го охрабрува и тимскиот дух, критичкото размислување и креативноста. Тимовите се составени од најмногу 4 натпреварувачки на возраст под 20 години, избрани преку националните натпревари во програмирање, како и лидер и заменик лидер на тимот.
„Успехот кој го постигнаа девојките во силната конкуренција е доказ за талентот во Македонија и нашата посветеност како професори и како Здружение да го развиваме тој талент. Оваа година, Македонија имаше и петти натпреварувач. Ученичката Софија Велковска, која 2 години по ред освојуваше медали за нашата држава, годинава како ученичка во Хрватска, учествуваше во хрватскиот тим за кој освои медал. Софија е пример за цела класа ученици кои ни заминуваат од Македонија како резултат на миграцијата. За жал, годинава наместо да имаме подобрување во однос на поддршката на натпреварувачите од страна на државата, дури и онаа мала поддршка која тие ја добиваа од Агенцијата за млади и спорт е укината. Да не се нашите пријатели како Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), и неколку општествено одговорни компании како Сорсикс, Нетцетерa, Фјуриос авокадо, кои може да се избројат на една рака, нема да можеме да ги спроведуваме нашите активности. Апелирам за сериозност на државните институции и поддршка на активностите кои ги прави нашето здружение и останатите научни здруженија кои со години волонтерски работат. Да не дозволиме и понатаму нашите најдобри умови да си одат од државата заради чувство на незадоволство од институциите“, вели претседателот на ЗИМ и лидер на тимот, проф. д-р Миле Јованов.
Следната Европска олимпијада по информатика за девојки (ЕОИД 2025) ќе се одржи идната година, во Германија.
За македонските ученици – информатичари, следен натпревар е Европската јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ) во Кишињев, Молдавија која ќе се одржи следниот месец.
FTW!