Акционата RPG игра Dragonkin: The Banished, која веќе некое време се наоѓа во фаза на ран пристап на Steam, неодамна ја збогати својата содржина со второто големо ажурирање, насловено како The Tracker Update. Ова второ ажурирање не само што воведува нова играчка класа и целосно нов регион за истражување, туку и носи низа подобрувања кои го продлабочуваат гејмплеј искуството.

Централниот елемент на ова ажурирање е воведувањето на класата Tracker. Новата класа носи сосема нов пристап кон борбата, кој се фокусира на брзина, скришумност и смртоносна прецизност. За разлика од другите класи кои можеби се потпираат на директна сила, Tracker-от користи арсенал на отровни напади и уникатни вештини. Доколку решите да го проверите најновото надополнување, ќе добиете на располагање 17 нови способности, стратешки поделени во три категории: вештини со лак за борба од далечина, напади со канџи за блиска и брза борба, како и ексклузивни техники на кланот Кхонгират.

Претходно, на располагање имавте три класи и можевте да бирате помеѓу три различни херои, секој со своја приказна и борбен стил. Првата класа, The Barbarian, користи nатприродна сила и моќ на мразот, а The Oracle се стреми кон хармонија така што користи прецизни електрични напади. The Knight, од друга страна, е мајстор на огненото копје и се одликува со силна отпорност од змејската корупција. Прилагодувањето на сите класи продолжува да се врши преку Ancestral Grid – систем каде што стратешки поставувате стекнати вештини и модификатори за да создадете ваш уникатен стил на борба.

Покрај новата класа, ажурирањето ги отвора портите кон мрачниот и опасен регион Ерде-Нор. Станува збор за земја опустошена од вулканска активност, каде што змејската корупција е длабоко вкоренета во пејзажот. Визуелно, регионот нуди мрачна атмосфера со пештери, подземни тунели и реки од лава, создавајќи чувство на постојана опасност. Во овие длабочини, ќе се соочите со нови видови непријатели кои ја рефлектираат корумпираната природа на околината. Еден од најистакнатите нови противници е Wyvern – древно мутирано суштество кое се одликува со смртоносни напади. Покрај нови предизвици, новиот регион ќе ви дозволи и да си се подновите со подобра опрема.

Врз основа на содржината и подобрувањата што произлегуваат од The Tracker Update, особено новата Champions тежина на играње, Dragonkin: The Banished се повеќе се етаблира како сериозен кандидат во ARPG жанрот. Доколку веќе ја имате играта, надополнувањето ќе ве освежи со брановидни содржини кои ем значително ја прошируваат end-game содржината ем го подобруваат Chaos Hunts системот. Ако сте, пак, љубител на игри како Diablo или Path of Exile и барате нешто ново со мрачна атмосфера и длабок систем на борба, Dragonkin: The Banished е солиден пакет од интерактивна забава, иако е сеуште во раниот пристап на Steam.

Доколку сте фанови на акциони игри, прочитајте и за следниве две, релативно нови игри:







