Steam е најпопуларната платформа за купување и играње игри, но и за станување дел од најголемата заедница од гејмери. Доколку го читате овој текст, шансите се дека некогаш сте инсталирале Steam, сте играле некоја од бесплатните игри, па дури и сте купиле некоја. Но, што доколку низ годините имате купено еден куп игри и сега сакате да знаете колку пари моментно ви вреди оваа хоби (читај: начин на живот)?
Steam Calculator e веб сајт кој целосно го скенира вашиот Steam акаунт и ви прикажува детален статистички извештај за вашите финансиски навики кон оваа продавница. Имено, откако ќе го посетите сајтот, ќе го внесете вашиот SteamID или пак целиот линк од вашиот профил на Steam, и ќе кликнете на копчето Get disappointed in your life, ќе дознаете колку ви вредат игрите, според нивната цена без попусти и со попусти кои биле понудувани низ годините. Паралелно со ова, се прикажува колку часа сте посветиле дружејќи се со игрите, дали имате некакви банови и ред други податоци за вашите гејминг навики.

Доколку кликнете на јазичето Games, ќе добиете детални извештаи за сите игри кои ги поседувате, заедно со пресметки за тоа колку вредат игрите (според времето кое сте им го посветиле), колку вие всушност сте ги играле и која оценка имаат. Тука е и пребарувачко поле доколку инстатно сакате некоја ваша игра да најдете. Во случај да кликнете на некоја игра, ќе добиете непресушни податоци поврзани за играта, како цени низ различни земји, додатоци, заедници, скриншотови и ред друго.
За да можете инстантно да го извлечете извештајот од Steam Calculator, потребно е вашиот профил на Steam да е јавен.