Кина ја пушти во употреба најголемата флота на автономни електрични камиони во светот. автономните камиони ќе работат во рудникот за јаглен Имин, лоциран во Внатрешна Монголија. Оваа импресивна групација од над сто електрични камиони Huaneng Ruichi е целосно контролирана преку напредната 5G мрежа на технолошкиот гигант Huawei. За нејзино управување се користи Huawei Commercial Vehicle Autonomous Driving Cloud Service (CVADCS) систем кој се користи и за обичните возила, пренесе Electrec.
Според претставниците на Huawei рудникот сега не само што е попродуктивен, туку е и побезбеден. Очекувано, единствена причина за камионите за запрат со работа e потребата од сервисирање или потребата за полнење. Huawei потенцира дека со елиминирање на потребата од возачи во самите камиони, тие се дислоцираат и од опасната работна средина.
Камионите може да се натоварат со 90 метрички тони товар. Може да работат до температури од -40°C и се 1,2 пати поефикасни од рачно управуваните камиони. Благодарение на постојаната поврзаност на интернет и на CVADCS, рутите на движење се оптимизираат во реално време. Ова дополнително придонесува за зголемување на продуктивноста на рудникот.
Оптимизацијата на работата не завршува со транспортот. Huawei обезбедува и вештачка интелигенција чии алгоритми дополнително го оптимизираат ископот во отворени рудници.
„Овие алгоритми овозможуваат прецизно лоцирање на автономни возила и ефикасна соработка во облакот, што е уникатно поставено за побрза транзиција на индустријата за рударство на јаглен од мануелни кон интелигентни операции. Овој успешен случај е пример за тоа како дигиталните и интелигентните технологии можат да го поттикнат висококвалитетниот развој на индустријата за рударство на јаглен. Тоа не е само проект-светилник што ја демонстрира иновативната интеграција на Кина на 5G, облак, вештачка интелигенција и нови енергетски технологии, туку и истражување за тоа како вештачката интелигенција може да се користи за справување со итни предизвици во специфични индустриски сценарија.“, вели Жанг Пинг од Huawei.
Амбициозни планови за иднина
Во моментов флотата е составена од 100 електрични автономни камиони. Сепак, амбициозните планови се во иднина во копот да има 300 автономни камиони. За ова ќе биде потребна и надградба на постоечката 5G мрежа која засега е со 500Mbps аплинк и доцнење од 20 ms.

Секако, прашањето за работните места останува важно. Сепак, во овој случај можеби преквалификацијата на работниците и создавање нови работни места во секторите кои ќе ја поддржуваат оваа нова ера во рударство е подобар избор. Дел од работниците во иднина би можеле да се префрлат на одржување на автономните системи или на анализа на податоци и управување со флотата од далечина.
Автономната флота во Имин не е крај на приказната. Ова е почеток на нова ера во рударството. Проектот треба само да биде дополнителен доказ дека иновацијата, поттикната од потребата за безбедност и ефикасност, може да доведе до значајни промени во индустриите. Трката за автоматизација е започната, а рударството и неговата поголема безбедност може да бидат едни од најголемите победници во оваа трансформација.