Веројатно веќе и нема некој во Македонија кој не слушнал за иницијативата Донирај Компјутер и Борче Стаменов. Кај да е ќе стигнат до бројката од донирани 3000 компјутери, а од неодамна во Base42 имаат нова работилница во Скопје. Ова беа дел од причините да поразговараме со Борче Стаменов.
Кај да е ќе Донирај Компјутер ќе стигне до 3000 донирани компјутери. Кога започнуваше имаше ли некаква идеја колку ќе порасне иницијативата?
Да, 3000-ката ни е на дофат. Компјутери имаме, „пласман“ исто така. Иницијативата никогаш немаше план. Искрено, нема ни сега. Оставаме работите сами да ни идат и тоа се докажа како доста ефективен план за работа. Морам да признаам дека ми е мило што буквално и сама се развива. Ние како иницијатива добивавме тоа што ни треба од граѓани и компании кои во нас препознаваат искреност. Ни требаат нови гуми за колата, некој донира гуми или или ни испраќаат фактура со платени. Донирај Компјутер е буквално народна иницијатива. Купче ентузијасти кои работат за доброто на другите, и се поддржани од компании и многу физички лица.

Ако памтам добро, првичниот план беше секој град да има свој „Донирај Компјутер“. Зошто не успеа да се оствари ова?
Тоа не се оствари поради мал инстерес на самите ИТ компании да одвојат едно ќоше и саат-два волонтерска работа од нивните вработени. Без разлика на сѐ, ние ќе бидеме упорни и ќе го оствариме тоа на некој начин. Моментално сме во соработка со Base42 кои ни отстапија дел од нивниот простор и со тоа ја добивме и скопската работилница. Таму ќе работат за почеток Живко Коцев и Драган Ризов како одговорни лица. Но, секој во Скопје коj мисли дека може да придонесе, може да контактира со нив и да доаѓа кога него му одговара.
Започна сам во канцеларијата во која работеше, и релативно мал број донации. Како популарноста на инцијативата влијаеше на целиот процес на донации?
Малиот број на донации се должи на тоа што на почеток не бевме толку познати по социјални мрежи. Откако решив дека подобро е се што стигнува и се испорачува да се објавува насекаде, донациите почнаа да пристигнуваат редовно. Таа популарност им пречеше на некои луѓе, но тоа беше единствениот начин да се рашири идејата. Да не го направев тоа, сега ќе бевме на 200-300 донирани компјутери и многу дечиња никогаш немаше да добијат шанса поквалитатно да се образуваат. Нашата или мојата популарност ја користам да ја подигнам свеста за хуманоста, заедништвото и да ја подигнам културата за филантропија на едно повисоко ниво.

Колку луѓе ти помагаат сега? Како се снаоѓате за простор и за транспорт?
Моментално, покрај мене, како редовни сме 5-6 лица. Гордана Клинчарова и Ѓорѓи Костадинов се одговорни за кавадаречката раборилница. За скопската веќе спомнав погоре. Имаме договор за практична работа со средното техничко училиште Киро Спанџов – Брко од Кавадарци од каде секој ден ни доаѓаат по десетина ученици. Има и такви кои не мораат, но секојдневно доаѓаат. Истото ќе се случува и во Скопје наскоро. Има родители кои ми пишуваат за и нивните деца почнат да учат кај нас. Во Кавадарци го користиме просторот на фирмата кај што сум вработен 21 година, Бидат Информатика. Во Скопје тоа е просторот на Base42. За транспорт си се грижиме сами. Кога имаме поголеми пратки користиме комбиња на компанијата Тим Компјутери од Кавадарци. Помалите пратки ги преземаме или со нашиот автомобил наречен Донка, или со комбето кое го добивме како донација од компаниите Машинокоп и рудникот Бучим. Со оваа донација ни се симна од врат уште една мака која ја имавме од нашето основање.
Кои ви се најголемите предизвици во Донирај Компјутер?
Па мислам дека немаме некои предизвици. Предизвик ни беше како да обезбедиме средства за да фукнкционираме без никакви препреки. И тоа искрено, буквално само ни се остварува. Кога бараме помош од граѓаните, ни ја даваат. Тоа е веројатно поради фактот што сме претерано транспарентни. Секоја донација се знае од каде дошла и каде заминала. За тоа колку луѓето ни веруваат говори и фактот што американската Фондација, по препорака од нашинец кој живее таму, одлучи да не награди со еден почетнички грант. Истиот случај е и со НЛБ банка, каде сме полуфиналисти со награда од 1000 евра и кандидати за финалето каде наградите се многу поголеми. Тоа ќе ни помогне да застанеме на нозе, да имаме зголем број на донации и да не мислиме на финансии во наредните 2-3 години.

Имаш ли некоја омилена приказна што сакаш да ја споделиш?
Многу има такви. Една од нив е донацијата која ја направивме во една рурална средина некаде во битолско. Дониравме 4 компјутера. Три за училиштето и еден за детенце кое единствено во класот немаше компјутер. Наредниот ден ни пристигна песничка од цел клас како знак на благодарност.
Што се однесува до донација тоа дефинитивно е онаа за Симон Андов кој живее во Холандија. Тој таму собира донации и ги испраќа кон Македонија како знае и умее. За човек да го прави тоа треба дополнително да е инспириран. Такви се нашите активности, испирираат.
Што планирате за во иднина?
Ние не планираме ниту еден ден однапред. Имаме задача и ја решаваме во моментот.









Браво за Борче и целиот негов тим!