Deadzone: Rogue се претставува како динамична роглајт пукачка игра од прво лице. Сместена зад непријателските линии во длабокиот вселенски простор, навлегувате во интензивни борбени судири против бројни непријателски сили, користејќи, притоа, моќен арсенал од оружја. Во целиот овој вонзмен хаос, напредувањето и преживувањето се нераскинливо поврзани преку користење ефективен борбен стил, постигнат преку внимателен избор и надградба на способности и опрема. Со оглед на тоа дека се работи за roguelite гејмплеј, смртта не е дефинитивен крај, туку составен дел од забавните механики, дозволувајќи ви континуирано да се зајакнувате и да одите чекор поблису до ултимативната цел. За среќа, низ овој маѓепсан круг од борба, пораз, ревитализација и повторување не мора да поминувате сами, туку имате на располагање и исклучително добар кооперативен режим.

Непријателите доаѓаат во различни форми и големини, одликувајќи се со различни офанзивни способности кои бараат брзи рефлекси и способност за прилагодување
Приказната, ако може да се каже така, започнува со вашето будење на вселенската станица ISS-X, при што, набргу дознавате дека имате целосна амнезија. Непосредна закана претставува легија од автономни машини кои агресивно напредуваат и уништуваат се што ќе се испречи на нивниот пат. Вашата примарната цел е да се елиминираат брановите на непријатели, да се собере ретка опрема и да се користат најразлични аугментации со цел да се зголеми издржливоста и борбената ефикасност. Секој ран го започнувате со пиштол. Движејќи се низ генеричните мапи, потребно е да ги елиминирате сите непријатели, вклучувајќи ловечки дронови, роботски пајаци и други автоматизирани единици, да соберете корисна опрема и да преминете во друга област. Пред секој премин од една во друга област, меѓутоа, ќе можете да изберете одреденa способност или оружје:


Достапниот арсенал вклучува над 30 различни оружја, секое со можност за значајни модификации преку примена на елементарни афикси и разни надградби. Ова овозможува значителна адаптација на оружјето кон специфични борбени потреби. На пример, автоматската пушка може да стане средство за брзо неутрализирање на групи непријатели преку нанесување ледена штета. Оваа флексибилност гарантира дека оружјето може ефективно да се прилагоди на широк спектар на борбени сценарија. Елементарните атрибути, како оган, мраз, молња, радијација и void, не само што ја збогатуваат визуелната естетика, туку и воведуваат дополнителни тактички димензии во зависност од ранливоста на непријателите. Користењето на оружјата е исклучително забавно и се одликува со автентична тежина и впечатливо решетање на непријателите.

Методологијата на борбата може суштински да се измени и прилагоди преку интегрирање на десетици различни аугментации, способности и предмети кои се здобиваат за време на играњето. Ова создава забавни услови и за оние што преферираат далечинска борба, користејќи скришум тактики за неочекувани напади, и за оние што сакаат да се фокусираат на блиска борба со подобрени меле способности. Имање ваква разноликост и спремност да експериментирате со различните приоди знае да понуди адреналинска свежина.


Системот на трајни надградби овозможува долгорочно зајакнување ем на вашите способности ем на вашите оружја, обликувајќи ве во поефикасна борбена единица. Преку соодветни конзоли и само во одредени зони, може инвестирате во, пример, зајакнување на штитовите, зголемување на ефективноста на елементарните напади, зголемување на директната штета нанесена врз роботските противници и слично. Паралелно со ова, друга конзола ќе ви дозволи да вршите значајни надградби на оружјата и опремата која ја носите. На овој начин, полека, но сигурно, работите на градење лик кој вам, лично, најдобро ви одговара и целосно со поклопува со вашиот индивидуален стил на игра. Ресурсите за овие надградби се прибираат преку две основни валути во играта. Па така, тех е користен за развој на способности, а отпад е наменет за изработка на нова опрема.

Вселенската станица, меѓутоа, се одликува со доста генерични локации кои не оставаат позитивен впечаток, често принудувајќи не да мислиме дека се вртиме низ едни исти, релативно слични места. За среќа, битките се исклучително забавни и можевме некако да го надминеме негодувањето кое произлегуваше од неинспиритивните локации. Аудио ефектите и музичката подлога, од друга страна, се квалитетно изработени, градејќи тензична атмосфера пред, за време, и по битките.
Прогресијата низ играта постепено ги открива елементите на наративот, вклучувајќи го потеклото на протагонистот и природата на неговата мисија. Секоја нова инстанца на играње може да започне со активиран стелт режим, овозможувајќи стратешко извидување на непријателските позиции и планирање на оптимален пристап пред влегување во директен конфликт. Интерактивни елементи во околината, како експлозивни објекти и достапни засолништа, додаваат дополнителен слој на тактички опции.

Deadzone: Rogue нуди флексибилност во модовите на играње, поддржувајќи соло искуство и кооперативен режим за најмногу тројца играчи. Кооперативното играње овозможува тактичка координација, вклучувајќи обележување на цели за фокусиран оган и синхронизирани напади со гранати, со цел ефикасно совладување на поголеми непријателски сили. Нивото на тежина е прилагодливо за секоја мисија, овозможувајќи варијација на предизвикот, од релативно лежерно до екстремно тешко. Важно е да се напомене дека играта во моментов е во фаза на ран пристап, што подразбира континуиран развој и имплементација на нови содржини и подобрувања базирани на повратните информации од играчката заедница.

Deadzone: Rogue веќе нуди квалитетно FPS искуство и едвај чекаме да видиме како истото ќе се менува и надградува во иднина. За жал, нема многу добри FPS игри во моментот и ако барате нешто забавно и интересно, особено со пријателите, ова е искуство кое топло ви го препорачуваме!