Meta доби 168 милиони долари отштета во скандалот со шпионскиот софтвер на NSO

Американскиот суд донесе пресуда во корист на компанијата Meta. Судот им додели речиси 168 милиони долари отштета од израелската компанија за шпионски софтвер NSO Group. Оваа пресуда е резултат на петгодишна правна битка поради инцидентот од мај 2019 година. Тогаш телефоните на над 1400 корисници на WhatsApp беа заразени со шпионски софтвер.

„За потсетување, пред шест години, нашите инженери открија и спречија напад од NSO користејќи ја неговата шпионска алатка Pegasus, насочен кон над илјада корисници на WhatsApp, вклучувајќи активисти за човекови права, новинари, дипломати и други во граѓанското општество. Во тоа време, соработувавме со Citizen Lab за понатамошно истражување и известување на луѓето за кои веруваме дека биле цел на нападот – и за да можеме да дознаеме повеќе за нападот и да ги информираме за чекорите што можат да ги преземат за да ги обезбедат своите уреди.“, вели Meta.

По деседневно судење, осумчлената порота одлучила дека NSO треба да плати 444 719 долари како компензација за трошоците што Meta ги имала за санирање на нападот. Дополнителната казна која треба да ги одврати од слични дејства ќе треба да платат повеќе од 167 милиони долари.

Ова е значајна победа за застапниците на приватноста и организациите за човекови права. Тие постојано ја критикуваат NSO поради лиценцирањето на шпионскиот софтвер Pegasus. Софтверот овозможува далечинска контрола на микрофоните и камерите на телефоните, прислушување на телефонски разговори и преземање на речиси сите кориснички податоци од телефонот.

„Денешната пресуда во случајот со WhatsApp е важен исчекор за приватноста и безбедноста и е прва победа против развојот и користењето на нелегален шпионски софтвер кој е закана за безбедноста и приватноста на сите.“, вели Meta.

Групацијата NSO изрази разочарување од пресудата и најави дека ќе поднесе жалба. Компанијата останува на ставот дека Pegasus е вредна алатка во борбата против тероризмот и организираниот криминал. Додавајќи дека нивни корисниците се држави и овластени владини агенции. NSO тврди дека има и докази кои го потврдуваат ова, вклучувајќи бројни безбедносни операции кои спасиле многу животи. Сепак овие информации не биле земени предвид од страна на поротата.

Засега е нејасно како оваа одлука ќе се одрази на производителот на шпионскиот софтвер. Извршниот директор на компанијата, Јарон Шохат, сведочеше дека компанијата се наоѓа во тешка финансиска состојба. Тој тврдеше дека NSO нема да може да ја плати казната и отштетата.

Случајот сè уште не е целосно завршен. Meta најави дека на претстојното рочиште ќе поднесе барање за трајна забрана. Со тоа ќе ги спречи NSO да ги користи нејзините платформи, да ја емулира нејзината технологија или да креира идни WhatsApp профили. Meta ќе побара од судот да нареди NSO да го избрише целиот код кој е поврзан со нејзините платформи што сè уште го поседува. Судијата најави дека рочиштето ќе биде закажано во мај или јуни.

Овој случај може да биде значаен преседан во борбата за дигитална приватност и безбедност. Ќе биде интересно да се следат понатамошните случувања и потенцијалното влијание врз индустријата за онлајн разузнавање.

Кои се NSO Group?

NSO Group е израелска компанија производител на шпионски софтвер Pegasus. Компанијата тврди дека нејзините производи се продаваат исклучиво на легитимни владини агенции за борба против тероризмот и криминалот. Сепак, Pegasus повеќепати бил поврзуван со случаи на следење на новинари, активисти за човекови права, политичари и други поединци ширум светот.

Pegasus е може да се инсталира на мобилни уреди преку различни методи, вклучувајќи пропуштени повици, текстуални пораки и „zero-click“ напади кои не бараат никаква интеракција од страна на корисникот. Откако ќе се инсталира, софтверот може да контролира различни функции на уредот, вклучувајќи микрофон, камера, пристап до пораки, е-пошта, контакти, историја на прелистување и локација.

Во 2021 година, Министерството за трговија на САД ја стави NSO Group на црната листа на ентитети поради активности кои се спротивни на националната безбедност на САД.

Причини за тужбата

Meta ја тужеше NSO Груп во 2019 година поради кршење на американскиот Закон за компјутерска измама и злоупотреба (Computer Fraud and Abuse Act) и калифорнискиот Закон за сеопфатен пристап до компјутерски податоци и измама (California Comprehensive Computer Data Access and Fraud Act), како и поради прекршување на условите за користење на WhatsApp.

Судијата Филис Хамилтон претходно пресуди во корист на Meta во декември. Ова судење се одржа само за да се утврди висината на отштетата што NSO треба да ја плати.

За време на судењето, Meta докажуваше дека побараните 444 719 долари како компензација точно ги претставуваат трошоците на компанијата за справување со нападот. Дополнително, побараa од поротата да утврди соодветна сума за казна. За тоа требаше да докаже дека NSO е виновна за „угнетување, измама или злоба“. Meta тврдеше дека сите три елементи биле присутни во однесувањето на NSO. Од друга страна, NSO тврдеше дека Meta не претрпела никаква штета, бидејќи нејзините вработени се платени и немало оштетување на серверите.

Image courtesy of E1N7E / Pixabay

Влијание врз приватноста и безбедноста

Оваа пресуда претставува важна порака за заштита на приватноста и безбедноста. Со неа се нагласува одговорноста на компаниите кои развиваат и продаваат софтвер за следење и потенцијалните последици доколку тие алатки се злоупотребуваат.

Случајот го истакнува ризикот од шпионски софтвер како Pegasus. Софтверот може да ги зарази личните уреди без знаење или согласност на корисниците. Потоа може да пристапи до чувствителни информации, вклучувајќи комуникации, локација, фотографии и други лични податоци. Ова е сериозна закана за приватноста, слободата на изразување и безбедноста на поединци, особено на активисти, новинари и политички неистомисленици кои често се цел на ваков надзор.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Subscribe
Notify of
guest
0 Коментари
Newest
Oldest Most Voted
Inline Feedbacks
View all comments