Подгответе се за уникатно искуство кое ги спојува удобноста на фармерските симулации со предизвиците на постапокалиптичниот свет во Doloc Town. Оваа инди-игра со шармантна пиксел-арт графика, развиена од RedSaw Games Studio и објавена во соработка со Logoi Games штотуку излезе во ран пристап на платформата Steam. Играта ветува мешавина од градење фарма, истражување, интеракција со заедницата и преживување во еден мистериозен, заборавен, но преубав свет.

Stardew Valley и Terraria, со малку Fallout!
Дејството се одвива во Doloc Town, место кое е опишано како постапокалиптична оаза изградена од остатоците на возови и урнати мостови, сместена среде пустелија. Овој контраст помеѓу удобниот град и опасната, непозната околина е централен за атмосферата на играта. Визуелниот стил е рачно цртана пиксел-графика која потсетува на класици како Stardew Valley и Terraria, но со додадена нијанса на Fallout поради постапокалиптичната тематика. Вашата цел е да ја ревитализирате празната земја, да изградите ваша фарма од нула и да ги откриете скриените приказни на оваа заборавена земја. Верзијата за ран пристап нуди релативно долга кампања, надополнета со многубројни споредни мисии кои ќе ве држат залепени за екранот. И главната приказна и споредните мисии се осмислени внимателно и се полни со интересни и непредвидливи моменти, допринесувајќи целосно да се соживеете во огромниот свет!

Основната механика на играта вклучува класични елементи на фармерска симулација: садење, одгледување и берење култури, градење објекти, изработка алатки, готвење и риболов. Па така, ќе треба да ги засукате ракавите и да собирате ресурси од околината за да ја изградите и надградите вашата фарма, претворајќи го вашето скромно парче земја во просперитетно селско прибежиште. Тука некаде, ќе наидете и на можност за развој на автоматизирани системи за производство, што додава длабочина на менаџментот на фармата. Она што ја издвојува Doloc Town е нејзината 2D перспектива со странично движење, што влијае на начинот на кој се движите и истражувате на уникатни начини низ фармата. Гејмплеј механиките се квалитетно изработени и полни со опции за експериментирање.

Истражувањето, како што споменавме, е клучен дел од искуството. Можете да ја истражувате околната пустелија, која вклучува различни биоми како сложени долини, предавнички мочуришта, шуми, пештери и напуштени урнатини. Оваа дива, недопрена природа крие тајни реликти, богатства и ресурси. Меѓутоа, не е се така едноставно и за брзо време ќе се соочите со мистериозни суштества. За да им ставите крај, користите оружје и прилагодливи помошни борбени дронови, со чести bullet hell моменти, но и флексибилни стилови на борба. Преживувањето исто така игра улога, бидејќи мора да ги заштитите вашите култури од суровите временски услови, како екстремни горештини и смртоносни кисели дождови.

Освен фармерството и истражувањето, социјалниот аспект исто така игра важна улога. Градот Doloc е дом на различни невообичаени жители со кои играчите можат да се поврзат и да градат комплексни односи. Преку разговор и интеракција, ќе ги дознавате личните приказни на жителите и тајните на самата земја. Ова додава наративен слој и можност за градење односи во рамките на заедницата. Играта исто така вклучува и систем на дрва со вештини. Овие, внимателно осмислени вештини отклучуваат подобрувања на различни аспекти кои се поврзани со опрема, фармерство и борба, нудејќи покомплексно и крајно задоволително искуство.
Планираните содржини за време на раниот пристап вклучуваат:
Ажурирања на главната приказнаНови споредни мисии
Функција за сточарство (Ranching)
Генетски систем за напредно земјоделство
Подобрено автоматизирано земјоделство
Нова мапа
Нови фракции
Нови фестивали
Ажурирања на системот за наклонетост (Favorability)
Подобрувања на квалитетот на играта (Quality of Life)
Поддршка за работилницата на Steam заедницата (Steam Community Workshop)

Doloc Town навлезе во фаза на Ран пристап на 8 мај 2025 година, со план да остане во оваа фаза помалку од една година. на програметите од RedSaw Games Studio ова им е прв проект, но нагласуваат дека сакаат да ја развиваат играта заедно со заедницата, користејќи ги повратните информации од играчите за да го обликуваат финалниот производ. Овие ажурирања ќе вклучуваат нови мисии, ликови, карактеристики за изработка и подлабоки поглавја од приказната. Доколку не сте сигурни дали е ова игра за вас, на располагање имате и демо верзија која доби исклучително позитивни критики (97% позитивни реценции на Steam), укажувајќи на голем потенцијал. Поради тоа, доколку барате искуство кое комбинира елементи од повеќе жанрови – удобно фармерство, 2D истражување и платформа, лесна борба, преживување и раскажување приказни, сето тоа завиткано во шармантна пиксел-графика со постапокалиптичен шмек, не ја пропуштајте ни оваа игра!