Дали ви здосади играње безмислосни souls-like игри и барате нешто шаренолико и со релаксирачки жички? Целосната верзија на DAVE THE DIVER излезе пред недела дена и ги освои гејмерите со феноменална атмосфера, едноставни но интересни гејмплеј механики во симпатична графика и суптилна приказна.
Во сржтта на играта, се крие RPG авантура со механики на управување каде преку ден можете да ги истражувате секогаш-променливите длабочини на Blue Holе, при што собирате најразлични ресурси и ловите бројни риби (но и суштества) со вашиот харпун. Секој нареден ден, длабочините на Blue Hole се менуваат и никогаш нема да наидете на иста околина за истражување. Со ресурсите кои ги собирате можете да вршите најразлични надградби на постоечката опрема, како и да создавате дополнителна опрема, односно оружја. Звучи едноставно, нели? Тоа е затоа што е навистина така!
DAVE THE DIVER се игра онака како што вие сакате и доколку сте задоволни со релаксирачко пливање, истражување на длабочините и собирање работи, тогаш токму тоа и можете да правите. Но, слично на Terraria, доколку се осмелите да се нурнете подлабоко, ќе наидете на комплексни механики при соочување со најразлични водени суштества (над 200 суштества), управување со количините на вашиот кислород, како и количината на работите и рибите кои ги имате соберено.
Ризикот, а со тоа и нивоата на стресот, се зголемуваат во зависност од длабочината на вашите амбиции. Ова не значи дека DAVE THE DIVER е тешка игра, но носи одреден предизвик и бара внимание доколку сакате да им се спротиставите на опасностите кои демнеат зад велот на непознатото. Некои од суштествата знаат да бидат огромни и, со самото тоа, исклучително опасни, особено доколку вашата опрема не е соодветно надградена.
А, еднаш штом сонцето зајде и решите да ставите крај на денот, ноќта ќе ви пружи уникатни можности за управување со ресторан со суши каде преку мини игри готвите најразлични деликатеси и ги служите на вашите гости. Ова доаѓа како интересен епилог каде се крши секоја можна монотонија од дневните активности и одлично се надоврзува на дневните активности. Имено, со рибите кои ќе ги ловите во тек на тенот; истите тие намирници ги користите за правање на вашите деликатеси. А доколку имате среќа и ги импресионирате посетителите со вашите специјалитети, може да се случи да добиете изненадувачка посета од посебен муштерија (не, не кажуваме ништо повеќе од ова).
Доколку сево ова што го прочитавте ви делува интересно, тогаш шансите се дека ќе бидете подеднакво импресионирани како поголемиот дел од гејмерите кои ја оценија играта како исклучително забавна, до тој степен да има над 97% позитивни рецензии (од над 18000 рецензии). Кон позитивните рецензии допринесува и суптилната приказна за длабоко пријателство помеѓу тројца пријатели, релаксирачката музичка подлога и графика која е успешна уметничка фузија помеѓу 2D и 3D art style.
Проверете ја DAVE THE DIVER на Steam!