Светското фудбалско првенство 2022 FIFA World Cup во Катар во моментов е во фокусот на вниманието на сите љубители на фудбалот. За жал, понекогаш само една грешка на судиите е потребнa да се одлучи победникот на натпреварот, а со тоа репрезентацијата која е оштетена да се врати дома. Вакви грешки имало многу во минатото. Без разлика дали станува збор за недосудениот гол на Украина против Англија; „божјата рака“ на Марадона; голот на Англија против Западна Германија, вакви примери има премногу низ годините на 21-то светско првенство кои се оддржале до сега. Токму за да се намали влијанието на грешките, денес се користи технологија која треба да ја олесни работата на судиите, и ако ништо друго, барем да го намали нивното влијание.
Како и со секоја промена, од една страна на дискусијата се поборниците за технологија, а од друга, скептиците кои нагласуваат дека со технологија се нарушува убавината во фудбалот и сите одлуки направени од технологија, чекања дур да се ревидираат податоците од сензорите и дополнителните камери за нив го намалуваат ентузијазмот на љубителите на играта. Најверојатно вториве тврдат и дека идење и гледање фудбал без пиво не е фудбал… кој е во право, тешко е да се пресече. :)
Полуавтоматско повикување на офсајд, проширена реалност, генерирана графика, куп сензори се дел од првенството во Катар. Дел од технологија е присутна исклучиво за посетителите на натпреварите во живо. Најинтересните моменти се прикажуваат на мониторите, но наместо како снимка, гледачите можат да ги видат дигиталните аватари кои ја преигруваат акцијата.
Со помош на проширена реалност и апликацијата, посетителите можат да го претворат теренот во „heat“-мапа и да видат каде е најчесто топката, да проверат статистика директно на теренот и слично.
Преносите и проширената реалност се само дел од технологијата. Технологијата е толку присутна, што самите топки доаѓаат со сензори, и не само што мора да се пумпаат, туку мора и да се полнат. Сензорот во топката помага за нејзино следење, и освен за асистенција на VAR се користи и за следење на повеќе статистички показатели.
Автоматизиран видео асистент – надграден VAR
Одлуката за офсајд и натаму е во рацете на судиите, но VAR-собата има огромна помош од технологијата. На стадионот се поставени 12 камери кои се користат исклучиво за технологијата. Овие камери ги следат фудбалерите и нивните позиции, но и позицијата на различни делови од телото. За секој фудбалер има 29 точки, раце, нозе, глава, и други релевантни точки за офсајд правилото, кои камерите ги отчитуваат 50 пати во секунда.
![](https://it.mk/wp-content/uploads/2022/11/Screenshot-2022-11-22-at-1.14.22-PM.png)
Секогаш кога ќе има офсајд положба на теренот, системот ќе ги алармира судиите во ВАР-собата кои ќе треба да ја погледнат ситуацијата и да одлучат дали ќе биде досуден офсајд.
Врз база на податоците врз кои потоа се креира 3Д модел, судиите треба да проценат дали е офсајд. Овој 3Д-модел е истиот кој можат да го видат и гледачите за време на натпреварите со кој се потврдува офсајд позицијата.
Во фокус Al Rihla – официјалната топка на светското првенство
Покрај системот за детектирање на точки, официјалната топка на Светскиот куп Al Rihla (патешествие на арапски) е своевидно технолошко чудо на првенството. Доаѓа со сензор поставен во самиот центар на топката. Технологијата која овозможува постојано да биде во центарот на топката е креирана од Adidas. Освен позиционирање технологијата овозможува и заштита од ударите за време на натпреварот. Сензорот 500 пати во секунда ја испраќа положбата на топката до ВАР-собата. Ова овозможува прецизно детектирање на моментот во кој топката е подадена.
![](https://it.mk/wp-content/uploads/2022/12/Adidas_Ah_Rihla_cropped.jpg)
Истовремено, до центарот доаѓа и позицијата на последниот одбранбен фудбалер и напаѓачот. Точниот момент на подавање на топката е еден од податоците кој е тешко да се процени. Со Al Rihla и сензорите, ова е многу полесно.
Во најголем дел од натпреварите на кои се користи VAR-технологијата детектирањето на офсајд може да трае и 70 секунди. Причината за ова е што судиите во VAR-собата сами го пронаоѓаат моментот на подавање. Ги исцртуваат линиите кои се потребни. Па дури потоа проценуваат дали е офсајд. Технологијата на првенството веднаш ги детектира релевантните податоци и ја покажува „сликата“. Судиите треба само да проценат дали станува збор за офсајд.
Откако судиите во VAR-собата и судијата на теренот ќе проценат дека станува збор за офсајд, се креира анимиран 3Д-модел. Краткото 3Д-видео од моментот кој придонел за одлуката на судиите потоа им се прикажува на гледачите.
Технологијата која се користи во Катар е тестирана последните 3 години. Во моментов е најпрецизна кога офсајд е во прашање.