Дали Dashboard камерите се легални во Македонија: Сѐ што треба да знаете

Avatar img-thumbnail img-circle

во Вести

„Dashboard“ камерите кои се користат во автомобилите се исклучително корисни – тие им овозможуваат на сопствениците на возилата да ја снимат околината околу автомобилот, а може да се користат и како неутрален набљудувач во случај на сообраќајна незгода или други инциденти. Корисниците може да ги користат да отстранат некои од своите лоши навики додека управуваат со возилата, па дури и да снимаат некое интересно патешествие.

Минатата недела откако го објавивме текстот за новите камери на раскрсниците, на форумот се отвори дискусија за легалноста на овие камери. Она што треба да знаете е дека иако може да ги купите, и се релативно евтини, нивното користење во Македонија е забрането. Еве што сѐ треба да знаете.

Ги контактиравме Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за заштита на лични податоци. Одговорите од АЗЛП се додадени во текстот. Кога ќе ги добиеме одговорите од Министерството за внатрешни работи ќе бидат додадени.

­        Во “Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18 и 191/18),  и Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 302/20 и 122/21), и во Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр. 140/08, 53/11, 123/12, 153/12, 70/13,164/13, 138/14, 154/15, 192/15, 39/16 и 161/19), не е регулирано вградувањето, употребата и користењето на уреди за снимање (камери) во возило.

велат од Министерството за внатрешни работи.

Што се „dashboard“ камери и за што се користат

Дашборд камера, позната како dash cam, е мала камера монтирана на контролната табла или на ветробранското стакло на возилото. Постојано снима што се случува на патот пред возилото, а некои модели ги покриваат и задниот дел и страните. Дашборд камерите можат да снимаат видео и аудио, регистрираат сè што се случува на патот и во внатрешноста на возилото.

Почести примени на „dashboard“ камери

  • Снимање на сообраќајни незгоди: Дашборд камерите може да се користат за снимање при сообраќајни несреќи. Снимките може да биде клучен доказ за утврдување на вината и за осигурителни барања.
  • Превенција од измама: Камерите помагаат во спречувањето на осигурителни измами со обезбедување јасни докази во ситуации како што се инсценирани несреќи или лажни барања.
  • Правни докази: Во некои случаи, легално направените снимки од дашборд камерите се користат како правни докази на суд за решавање на сообраќајни спорови или кривични случаи.
  • Надгледување на однесување на возачите: Менаџерите на флоти и родителите може да ги користат дашборд камерите за надгледување на однесувањето на возачите, обезбедувајќи дека возилата се користат одговорно и безбедно.
  • За љубителите на патувања, дашборд камерите може да ја снимаат живописната околина и незаборавните патувања, овозможувајќи им да ги споделат своите искуства на друштвените мрежи или да ги зачуваат како личен спомен.

Некои придобивки од камерите

Камерите може да се користат за возачите да ги прегледаат снимките и ако забележат некоја грешка која ја прават во возењето, да можат активно да работат на нејзино отстранување. Во случаи на вандализам и предизвикана штета снимките од камерите може да се користат како доказ или како дополнителна помош за полицијата.

Растечки тренд

Користењето на камери е популарно, бидејќи тие првенствено придонесуваат за зголемена безбедност, но сега се и супер евтини, и може да се испорачаат од секаде. Дополнително, новите камери имаат куп функционалности, на пример: висококвалитетно снимање, широкоаголни леќи, GPS следење, па дури и Wi-Fi.

Во некои држави, дел од осигурителните компании нудат попусти за возилата кои имаат ваква камера, поради тоа што ја намалуваат опасноста за измама и брзо обезбедуваат доказ во случај на сообраќајна незгода.

Дашборд камерите несомнено се барем интересна алатка за возачите ширум светот. Овозможуваат различни придобивки како подобрување на безбедноста на патиштата, обезбедување правни докази и снимање незаборавни патувања. Зголемената функционалност и технолошкиот напредок ги прават интересен додаток за модерните возила. Разбирањето на правната рамка за нивното користење е клучно за возачите.

dashboard камера
Image courtesy of MIKI Yoshihito / Flickr / CC BY 2.0

Правна рамка во Македонија

Во правна смисла користењето на дашборд камерите во возилата се уредуваат со Законот за безбедност на патишта и со Законот за возила. Дополнително, снимањето и објавувањето на видео и аудио содржини се покриени со Законот за заштита на личните податоци.

Законот за безбедност на патиштата ги уредува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центари и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.

„Во однос на Вашите прашања за користење на камери во возила, Ве известуваме дека во нашата држава според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, член 369, само полицијата е овластена да поставува уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и во посебни возила на Министерството за внатрешни работи опремени со посебни уреди за таа намена. Снимениот материјал се чува во полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува согласно со закон.” ни објасни Емилија Гиноска од Агенцијата за заштита на лични податоци.

Член 369

(1) Полицијата е овластена да постави уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата, согласно со закон.

(2) Под снимање, во смисла на овој закон се подразбира постојан видео надзор над јавните места од ставот (1) на овој член.

(3) Снимањето од ставот (1) на овој член, може да се врши и со посебни возила на Министерството за внатрешни работи опремени со посебни уреди за таа намена.

(4) Снимениот материјал од ставовите (1), (2) и (3) на овој член се чува во полицијата шест месеци, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува со согласно со закон.

Законот за возила ги утврдува условите за пуштање на пазар и почетокот на користење на возилата, регистрацијата и техничката исправност на возилата, условите за извршување на работи на техничките служби, правните лица за технички преглед и правните лица за регистрација и регистарот на податоци за возилата.

„Во Законот за возила, член 43, утврдено е дека во возило можат да бидат вградени само одобрени системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема, доколку за нив е потребно одобрување согласно со одредбите на овој закон и друг закон, како и прописите донесени врз нивна основа. Оттаму, вградувањето на камери во приватни технички возила од страна на физички лица не е во согласност со Законот за возила и за истото може да се изрече прекршочна санкција според закон“.

Заштита на приватноста и лични податоци

Неовластеното снимање и објавување на овие снимки може да ја загрози и приватноста на лицата кои се снимени. Видео и аудио записите направени со камерите може да се искористат за различни цели, ниту една од нив не е дозволена.

Со вградување и користење на уреди за снимање во возила преку снимањето може да бидат опфатени други лица. Со тоа тие можат да бидат идентификувани и да се загрози нивната приватност, особено ако тој материјал биде незаконски објавен на интернет, социјалните мрежи и сл. или да биде искористен за други цели. Според Законот за заштита на личните податоци не постои правна можност на овој начин да се собираат и обработуваат лични податоци на други лица кои би биле опфатени со тоа снимање“.

Камери кои може легално да се користат

Единствени камери кои се дозволени за употреба се камерите кои се инсталирани во возилата кои се помошен уред, на пример камерите кои го олеснуваат паркирањето, различни камери кои овозможуваат поголема прегледност и слично. Заедничко за сите е дека овие камери не прават снимки и не ги чуваат видео записите никаде.

„Исклучок на овој вид на снимање се вградени камери во возила кои служат како помошен уред за движење наназад, или напред на возилото т.е. камерата (помошниот уред за паркирање) е уредена на таков начин што истата нема да собира, односно снима било какви информации кои директно и/или индиректно се однесуваат или би може да се однесуваат на конкретно физичко лице, во тој случај таквата камера не собира, односно не обработува лични податоци според прописите за заштита на личните податоци“.

TL; DR

Користењето на дашборд камери во возилата не е дозволено за граѓаните.

По законот за сообраќај на граѓаните може да им се изрече глоба со висина од 400 евра.

Камерите кои се помошни средства во возилата и не собираат, снимаат или обработуваат видео содржина може да се користат.

Единствено полицијата е овластена да постави уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments