По само две недели во продавницата, CyanogenMod Installer е тргнат од Google Play бидејќи ги прекршува правилата за користење. Проблемот, според Google, е што апликацијата ги „охрабрува корисниците да си ја поништат гаранцијата“ со инсталирање на алтернативниот Android MOD. Google се заканил дека ако апликацијата не се тргне волунтерски, ќе биде отстранета административно. Но, стартапот, кој има околу 8 милиони корисници, вели дека апликацијата не прави ништо повеќе од навигирање на корисниците кон декстоп инсталерот, кој пак го инсталира CyanogenMоd на нивниот Android телефон.
CyanogenMоd вели дека апликацијата имала стотици илјадници симнувања што покажува дека има „интерес за повеќе избор, за алтернативно Android искуство“. Стартапот нуди да инсталирате персонализиран CyanogenMod фирмвер на Android преку кој може да се користат дополнителни функционалности, дури и на постари Android телефони кои не се надградуваат.
„За среќа, Android e доволно отворен за уредите да дозволат да се инсталираат апликации преку ‘Unknown Sources’, и иако процесот значи и повеќе малтретирање, сепак дозволува да одиме напред, надвор од Google Play“, се вели на официјалниот пост.
Google oдби да коментира, но The Next Web вели дека CyanogenMod е тргнат од Google Play поради правилото кое бара од апликациите да им дадат можност на корисниците да ги вратат првобитните подесувања со едноставна опција или со бришење на апликацијата. CyanogenMod не гу нуди двете.
CyanogenMod e достапен преку официјалниот сајт, а се очекува наскоро да биде објавен и на Amazon и Samsung Android продавниците.