{mosimage}По проблемите со големите финансиски загуби на YouТube, најголемата онлајн заедница за размена на видео содржини во светот и неможноста да се изнајде најадекватно комерцијално решение, компанијата конечно излезе со конкретна солуција.
Деновиве Youtube почна со интегрирање на системот „click-to buy“. Овој систем подразбира поставување на линкови под видеата кои содржат производи, сопственост на компаниите со кои Youtube ќе склучи договор и ќе упатуваат до најголемите онлајн продавници кои на продажба ги нудат тие производи.
Имено доколку ви се допаѓа некоја песна која оди во позадина на некое видео, ви се допаѓа филмот од трејлерот кој го гледате или би сакале да го поседувате софтверот од изгледаниот туторијал, YouTube ќе ви овозможи врска со официјалните продавници овластени да ги дистрибуираат овие производи.
Во моментов YouTube има склучено договор со iTunes и Amazon како дистрибутери на производите на EMI Music, ElectronicArts и слични компании. „Click-to-buy“ линковите за сега се видливи само за корисниците од САД, но, од YouTube најавуваат дека е многу извесно да се отпочне соработка и со партнери од други држави со што системот би добил интернационална димензија.






