Најпопуларната стратешка видеоигра Civilization го најави новото продолжение – Civilization: Beyond Earth е следната итерација на популарната игра, а најавена е за оваа есен за PC, Mac и Linux. Civilization: Beyond Earth како што навестува насловот играта за прв пат ќе се откаже од своите корени и играчите своите потези ќе ги влечат на нова планета, слично како уште една игра зад која стои Сид Маер, Alpha Centaury. Првичните најави сугерираат дека Civilization: Beyond Earth ќе биде спиритуален наследник токму на оваа игра. Ова секако значи дека за прв пат ќе може да видиме како Firaxis и развојниот тим ќе се снајдат во поинаква улога, наместо поглед во историјата, за прв пат ќе бидеме сведоци на поглед во иднината и следни технологии, единици и футуристички градби и светски чуда кои се заштитен знак на овој серијал.
Според првите најави играта започнува со напуштање на Земјата. Играчите ќе бидат во контрола на една од новите фракции и првите 50-60 потези ќе бидат оставени самите без средба со останатите фракции. Дел од тајните кои се откриени е дека играчот и противниците ќе можат да се трансформираат во роботи, што ќе донесе дополнителни проблеми кога играчот ќе ги прави своите одлуки. Уште позабавно како играта ќе одминува, дел од фракциите ќе се оддалечуваат од својата човечност па така и моралните проблеми со кои се соочува играчот ќе стануваат се поголеми. Дека играта е различна од претходникот ќе се чувствува уште во самиот почеток, кога играчот не само што ќе треба да ја избере државата која ја финансира вселенската мисија, ќе треба да ги избери и вселенскиот брод, колонистите и дури резервите кои ги носите со вас. Како и досега играчите ќе можат да одберат и различни начини на кој ќе можат да победат и да ја завршат играта.
Без сомневање Civilization: Beyond Earth како и останатите наслови кои доаѓаат под „патронат“ на Сид Маер ќе не остават залепени со часови, недели па дури и месеци, само да изиграме уште еден „последен“ потег.







