Покрај постоењето на конкурс за пријавување на бизнис решенија и изработка на 50 интернет продавници од страна на Министерството за информатичко општество, решивме накратко да ви ги укажеме на неколку совети за поставување на една е-продавница во Македонија.
Најпрво сакам да напоменам дека под поимот „е-продавница“ не се подразбира интернет страница преку која можат да се вршат само нарачки на стока и услуги, туку и плаќање на истите со помош на платежни картички. Иако во нашата земја постојат практики за постоење на интернет продавници преку кои можете само да нарачате производи, а истите мора да ги платите при испорака.
Пред да започнете со техничкиот дел и изведбата на една интернет продавница, потребно е да одлучите што ќе продавате, како ќе го изведете начинот на набавка и испорака, која ќе ви биде групата на целни потрошувачи, кое е најсоодветното маркетинг средство за да ја претставите вашата интернет страница на потенцијалните купувачи. За да ја средите и имате црно на бело целокупната организација и план за изведба на вашата идеја, препорачувам тоа да го сторите со изработка на бизнис план, за чија изработка и содржина можете да најдете безброј темплејти.
Прв и основен чекор е да имате своја веб страница и закупено домен и хостинг за истата. Меѓутоа вашата интернет страница треба да има посебен дизајн и структура со што би ја носела функционалноста на интернет продавница. За ова е потребно посебно техничко решение, кое ги содржи компонентите на една интернет продавница и може да се најде и како слободен софтвер. Овој посебен вид на софтвер за е-продавници најчесто нуди урнек за каталог на производи, односно страница каде ќе бидат излистани (пожелно со приказ) производите кои ќе ги продавате. Да напоменам дека многу важна работа при внесувањето на производите во каталогот е постоење на опис на производот, каде потребно е да се наведат основните карактеристики, материјалот на изработка и начинот на одржување, во зависност од видот на производот и се разбира цената на производот.
Никако не изоставајте го дизајнот и боите на е-продавницата, бидејќи самиот изглед е понекогаш пресуден во одлучувањето на потенцијалните потрошувачи да се задржат на вашата страница и да ја разгледаат понудата. Општиот впечаток и лесната и едноставна навигација, како и едноставноста на дизајнот (со избегнување на премногу шаренила и премногу информации на едно место) придонесуваат кон поголемата приемчивост на купувачот и секако кон генерирањето на посети кои ќе ви носат приход.
Доста значаен чекор е чекорот поврзан повторно со изработка на страницата и нејзиниот изглед, како и со правилното функционирање, земајќи ја во предвид политиката на работење. Потребно е јасно и видливо да бидат наведени правилата на испорака, како и правата на потрошувачите, односно полиса на враќање и секако не изоставуваќи ја политиката за заштита на податоци. Да ги одредите јасно и концизно правилата на испорака, пожелно е претходно да го одберете посредникот (ако тоа не сте вие), односно компанијата која ќе ја врши испораката на вашите производи. Овие информации само би ви оделе во прилог, влевајќи и доверба на вашите потрошувачи.
Конфигурирањето на една електронска продавница не може да биде комлетно без истата да биде поврзана со платежен процесор, односно да ги користи услугите на истиот за обезбедување безбедни плаќања и транскации на потрошувачите. Ова се постигнува со посредништво на банките кои нудат услуги во доменот на електронската трговија. Постојат неколку банки во Македонија кои нудат вакви услуги со посредништво на платежниот процесор CaSys, а одредени банки користат и други странски платежни процесори.
За да можете да ја вршите дејноста на трговец, односно да продавате производи преку интернет и притоа да нудите можност за електронско плаќање, мора да имате регистрирано фирма, за која ќе можете да отворите банкарска сметка на која ќе ја примате наплатата. Внимателно одберете која банка најмногу ви одговара, претходно разгледајќи ги условите и начините на наплата за нивните услуги.
Постојат многу други, ако можам да ги наречам фактори, кои влијаат и се клучни за успехот на една интернет продавница и можат да бидат проследени и од економски и од информатички аспект. Она што е важно е да се има добра идеја, која ќе понуди вредност и соодветен сооднос на цена, квалитет и погодност, поради што и потрошувачите ќе се одлучат да купуваат токму од вашата продавница.

Коментари
8 коментари
Коментарите се затворени.