Bulletstorm: Full Clip Edition e римејк на истата игра од 2011 година. Тоа значи дека нема никакви промени во приказната, и понатаму играте со Грејсoн Хант кој, откако ќе се најде на напуштена планета ќе биде соочен со избор дали да си ја задоволи својата желба за одмазда или пак да му помогне да преостанатиот тим да извлече жива глава. Со оглед на тоа дека приказната е огромен продажен адут, Gearbox Publishing произлезе со следниов трејлер.
Оние кои се сеќаваат на маркетиншките материјали од 2011 година дефинитивно ќе бидат изненадени од ваквиот сериозен трејлер, затоа што оригиналната игра сакаше сè само да не биде сфатена сериозно и целиот маркетинг се вртеше околу откачена и вртоглава акција во прво лице каде ги масакрирате непријателите на најразлични креативни начини. Чисто за споредба, ова беше еден трејлер од пред шест години.
Иако беше исклучително забавна игра, Bulletstorm беше далеку од тоа да стане хит, што значи дека работите треба да се изменат доколку сакате да ја реиздадете истата игра шест години подоцна, по неверојатна цена од 45 евра. Gearbox Publishing го разбираат ова и затоа решија да одат со малку поразлична стратегија. Она што добивате во Bulletstorm: Full Clip Edition се текстури во висока резолуција, зголемен број на полигони и подобар фрејмрејт. Покрај поддршката за 4К резолуција, играта е пропратена и со сите додатоци кои последователно излегоа за играта, а се од исклучително скромен карактер, како и нов Overkill режим на играње кој ви дозволува сите оружја и способности да се отклучени при второ преигрување на кампањата. Echo режимот на играње ќе има шест мапи, а сите кој предвреме ќе ја нарачаат играта за 45 евра, ќе можат да играат низ кампањата со Duke Nukem.
Тоа е сè, а доколку не ја нарачате предвреме, не е ни тоа.
Независно дали сте по откачената акција или по сериозната приказна, Bulletstorm е одлична игра, а Gearbox се феноменални мајстори кои, по фијаското со Aliens: Colonial Marines и Duke Nukem: Forever, уште еднаш си играат со огин. Сакајќи да профитираат на шест годишна игра која, поради истекување на издавачките права на ЕА, беше одамна повлечена од физички и дигитални продавници, сега ремастерот се прикажува не само како супериорната туку и како единствената верзија која ја имате на располагање, што и не би било толку лоша работа да не се бара бесрамно висока цена, која е на исто ниво како нова ААА игра. Згора на тоа, сопствениците на оригиналната игра нема да го добијат ремастерот ниту како бесплатна надградба, ниту пак со попуст. На прашањето зошто барем нема попуст за сопствениците на оригиналната верзија, челното лице од Gearbox, Ренди Пичфорк само врати да не се купува играта ако тоа на некого не му се допаѓа. Повистинити зборови, ќе се сложите, никогаш не биле кажани.
До сега, ниеден римастер не бил толку скап и, или се подарувал бесплатно (Skyrim/ Bioshock/ Darksiders) или со големи попусти (Dead Island (75% попуст)/ Hard Reset (85% попуст). Дури и да не сте сопственик на оригиналната игра, Bulletstorm Full Clip Edition се чини како бесрамно скап продукт кој не може, а да не се гледа како навреда и за старите и за новите гејмери и, слично како со ситуацијата со микротрансакциите, не би требало да се охрабрува бидејќи поставува погрешен преседан. Gearbox Publishing се свесни за ова, во спротивно не би оделе со толку посакуван поттик кој е заклучен зад системот за предвремена нарачка. Политиката на страна, Bulletstorm и понатаму останува еден од најпотценетите хитови од 2011 и навистина вреди повторно да се заигра, само можеби не онака како г.Пичфорк првенствено замислил.