Интернет сообраќајот наскоро може да пристигнува до уредите од светилките, а безжичната Wi-Fi мрежа наскоро би можела да биде заменета со Li-Fi.
Компанијата pureLiFi чиј директор е Харалд Бурчард, на MWC во Барселона го презентираше своето решение. Компанијата првпат своето решение го презентираше пред една година, а сега има функционално решение, јави Digital Trends.
LiFi-X системот е составен од LED светилка и USB приклучок. Брзината која ја овозможува ова решение е 42 Mbps, иако во иднина се очекуваат брзини од 80 до 100 Mbps. Компанијата pureLiFi веќе ја тестира технологијата со неколку партнери поемеѓу кои се и Cisco, British Telecom и Babcock.
„Зборуваме со многу компании кои се загрижени за својата безбедност. За компаниите бендвитот е многу важен, но и за продавниците и за финансиските сервиси.“, вели г. Бурчард.
Li-Fi се поврзува слично како и обичните рутери, преку Ethernet. Дополнително, за поврзување може да се користи и постоечката електрична мрежа. Приклучокот кој влегува во компјутерот пак има фото-детектор за преземање и инфрацрвен предавател за испраќање на податоци.
Засега нема можност за инсталирање на оваа технологија во паметните телефони. Главна причина за ова се димензиите на приемникот кој е преголем, но од pureLiFi се надеваат дека во иднина фото-детекторот ќе биде помал. Ова би овозможило во иднина да бидат вградени и во телефони или таблет компјутери.