Бугарскиот стартап за снимање и презентирање на хајлајти од натпревари во мал-фудбал Join the Players, најавува влез на 5 нови пазари во Европа. Стартапот досега привлече инвестиции од 300.000 евра, а сега бараат 1 милион евра.
Join the Players овозможува снимање и преглед на најдобрите моменти од натпреварите. Идејата е на: Николај Андонов, Антон Ценов, Деан Неделчев и Ѓорге Арабаджиев; четворица млади Бугари, кои ја препознаа можноста за дигитализација во омиленото хоби. Само во Европа федерацијата на мал фудбал има над 60 милиони играчи.
„Аматерскиот спорт не е дигитализиран адекватно, особено спортовите во кои учествуваат повеќе луѓе. Забележавме дека аматерскиот спорт доцни зад професионалниот, а со намалување на цената на многу технологии, како чипови и камери, услугите стануваат достапни и за аматерите. Дури се појавуваат можности кои ги нема за професионалците.“, вели Николај Андонов за Capital.bg.
Технологијата е инсталирана во шест спортски центри во Софија и во седум центри во Грција. Алгоритмот на Join the Players ги препознава клучните и најинтересните моменти од натпреварите и од нив креира видео. Целта е играчите да имаат позабавно искуство. Финансискиот товар на технологијата во целост паѓа на сопствениците на објектите во кои се игра фудбал. За корисниците сервисот и можноста за прегледување на најдобрите моменти од натпреварите се бесплатни.
Стартапот сега работи на проширување и на влез во повеќе држави. Досега собраа инвестиции од 300.000 евра, од кој 200.000 од акцелераторот Eleven. Сепак за влез на европскиот пазар, потребна им е поголема инвестиција која ја бараат од европски фондови. Идејата е во следните месеци стартапот да ја инсталира технологијата во над 40 објекти во: Чешка, Германија, Полска, Португалија и Шпанија. Освен влезот во Европа, Join the Player најавува и креирање на мобилна апликација.