Шансите дека ја паметите Brink се исклучително мали. Издавачите Bethesda им ветија на фановите вртоглав шутер кој спојува самостоен, ко-оп и мултиплеер гејмплеј во едно беспрекорно искуство. Многумина очекуваа забележително револуционизирање на мрежните пресметки и нивна имплементираност во оригинален и модерен дизајн, но она што девелоперите Splash Damage испорачаа во 2011 година беше сосема просечен шутер. Играта до некаде ги импресионира критичарите, кои, пак, возвратија со Metascore оценка од 70 поени, но поголемиот број од гејмерите одбиваат по вторпат да ја погледнат и немаа ништо против кога времето ја голтна со изненадувачки интензитет.
Сè до денес.

Од Bethesda сметаат дека Brink заслужува уште една шанса и ја направија целата игра бесплатна за играње. Без какви било ограничувања, можете да го преземете насловот и да видите дали, по шест години ферментација, конечно е достоен да го окупира вашето внимание. Оние кои сакаат да ја наградат иницијативата, а и да ја прошират забавата би можеле да купат некое од двете помали додатоци, од по 1 евро, или пак да го купат, третиот, поголем додаток, за неполни 2 евра. Fallout/Spec Ops combo pack и Doom/Psycho combo pack нудат нови изгледи, тетоважи и оружја, а Agents of Change отклучува нови мапи, способности, опрема и облека.







