Последниве неколку години работата и пазарот на труд се менуваат супер брзо. Секако главна причина за ова е напредокот на вештачката интелигенција и нејзиното влијание. Оваа трансформација поставува клучни прашања пред младите и професионалците: Како да се избере вистинскиот факултет? Како да се смени професионалната патека? И најважно: “Кои вештини ќе гарантираат релевантност и успех во AI-доминантната ера?“.
За овие прашања разговаравме со Биљана Кузмановска Тасетовиќ. Tаа повеќе од 15 години работи како советник за образование во странство, а од неодамна и сертифициран кариерен консултант.

Кои се најголемите промени во вештините и знаењата кои студентите и младите професионалци треба да ги стекнат или развијат за да останат конкурентни во ерата на AI?
Во ерата на AI, техничките вештини брзо се менуваат — но човечките, преносливи вештини стануваат решавачки. Летово, презентирајќи на конференција во САД токму на тема преносливи вештини, поради фидбекот кој го добив од едукатори од цел свет, уште појасно ја согледав нивната моќ. Бидејќи живееме и работиме во време на континуирана неизвесност, брзи технолошки промени и постојано појавување на нови професии, највредни стануваат вештините кои ни помагаат да се снајдеме во непозната средина.
Клучните меѓу нив се (според 2030 Извештајот за вештини на иднината на Светскиот Економски Форум):
- AI & big data – разбирање и анализа на огромен број на податоци, користење на алгоритми за донесување информирани одлуки;
- Технолошка писменост – способност за користење и прилагодување на нови технологии во различни контексти;
- резилиентност – способност да го претвориме неуспехот во учење;
- критичко и системско размислување – препознавање патерни и врски меѓу навидум неповрзани идеи;
- социјална интелигенција – умешност да ги „прочитаме“ просториите и динамиките меѓу луѓето;
- градење врски и релации – создавање поддршка во нови контексти;
- адаптибилност и флексибилност – брзо прилагодување на нови трендови и улоги;
- емоционална регулација – управување со сопствените реакции во комплексни ситуации.
И неколку други како: креативно размислување, емпатија и активно слушање, љубопитност и доживотно учење, менаџирање со талент, мотивација и свесност
Овие вештини директно ја определуваат конкурентноста на младите професионалци. Човек кој умее да воспостави нови врски во непозната средина утре ќе биде лидер што успешно управува со мултикултурни тимови. А оние што се прилагодливи и љубопитни, најбрзо ги препознаваат и искористуваат новите трендови.
Затоа, според мене, покрај техничкото знаење, најголемата „валута“ во AI ерата се токму преносливите, човечки вештини кои овозможуваат контекст, поврзување, стабилност и креативност во свет што постојано се менува.
Како вештачката интелигенција ја менува потребата за советување? Дали студентите сега доаѓаат со различни прашања или поголема несигурност во однос на изборот на студии и кариера?
Студентите денес доаѓаат поотворени и посвесни за значењето на кариерното насочување отколку претходно, но и со поинакви очекувања. Неизвесноста околу изборот на студии отсекогаш постоела и е сосема нормална, но она што е ново во ерата на AI е фокусот кон практична примена и јасни исходи.
Современите студенти не бараат само „кој факултет да го запишам“, туку „што точно ќе правам со ова знаење“ и „како побрзо да го пресликам во реална работа“. Под влијание на брзите технолошки промени, тие се повеќе се ориентирани кон програми што комбинираат теорија со пракса, стажирање, co-op модели и рано стекнување вештини применливи на пазарот на труд.
Истражувањата во високото образование покажуваат дека технологијата и AI го зголемуваат чувството на комплексност кај младите, но истовремено ја зголемуваат и нивната потреба од менторство, контекстуализација и поддршка при донесување одлуки.
Затоа, потребата од советување не исчезнува – таа се трансформира. Денешните студенти бараат поинформирано, поконкретно и поконтекстуализирано кариерно насочување, кое ќе им помогне да донесат одлуки што имаат смисла во динамичниот, АИ-засилен свет.
Како конкретно вештачката интелигенција ја трансформира вашата улога како стратег? Дали користите AI алатки во процесот на советување?
Вештачката интелигенција ја трансформира мојата улога како стратег така што ми дозволува да го прошириме кариерното советување надвор од класичната канцеларија. Денес, веќе не мора да се чека за 1:1 средба — луѓето можат преку апликации и дигитални платформи да дојдат до својот кариерен план и roadmap сами, кога и каде сакаат.
Јас обожавам да користам AI во мојата пракca, бидејќи ми дава можност да го претворам моето знаење и искуство во конкретни, интерактивни и забавни алатки. На пример, креирам свои мали апликации кои комбинираат неколку чекори од кариерниот циклус, така што луѓето можат да истражуваат, експериментираат и да „играат“ со своите амбиции и желби на интерактивни начини додека го откриваат својот кариерен правец.
Со други зборови, AI ми помага да го направам советувањето поинтересно, покреативно и достапно за секого — како да имаш личен кариерен асистент во џеб.

Со оглед на предвидувањата за автоматизација како се менуваат програмите и универзитетите кои им ги препорачувате на студентите? Дали има поголем фокус на STEM или на хуманистичките науки/критичко размислување?
Добро прашање — и одговорот не е едноставен. Со растечката улога на автоматизацијата и AI, универзитетите мора да ги адаптираат своите програми, но не во правец на едноставна доминација на STEM.
Иако интересот за AI расте, податоците од OECD (2019–2022) покажуваат дека AI-огласите сочинуваат под 1% од сите огласи, концентрирани претежно во ИКТ и професионални услуги. Тоа значи дека техничките вештини се важни, но поширокиот пазар бара комбинација од техничко и социјално/преносливо знаење. Меките вештини — критичко и креативно размислување, комуникација, лидерство, резилиентност и доживотно учење — се рангирани како критични од мнозинството работодавачи.
Затоа, екстремен фокус само на STEM или само на хуманистички науки не е оптимален. Најдобриот пристап е хибриден: развој на техничка писменост заедно со критичко размислување, комуникација, адаптибилност и етичка свест. Флексибилноста станува клучна: можност за менување насоки, комбинирање работа и студии и градење портфолио додека се учи.
Паралелно, младите сѐ повеќе ја пресметуваат вредноста на четирите години факултет — што добиваат и што губат, особено со успешни примери на професионалци кои го зајакнуваат анти-факултетското движење на Силиконската долина. Ми се случило и мене во пракса, да треба да дебатираме со ученик зошто е добро високото образование и што би добиле тие од тоа. А во меѓувреме тоа е ученик кој почнал да работи во многу добра EdTech компанија, и не само што добро заработува, но континуирано учи и добива практични и технички знаења релевантни во денешниот деловен свет. Не треба да ги занемаруваме ваквите примери како ретки или уникатни. Тоа се примери кои укажуваат на поголеми промени кои се случуваат кај новите генерации, а факултетите и студиските програми треба да се адаптираат на ваквите сигнали и текови со цел да останат релевантни и да понудат креативни решенија.
Имате ли советување за студентите и за етичката димензија на користењето AI во академската средина и подоцна во професионалната кариера?
Да, етичката димензија е клучна. Сите ние треба да бидат свесни дека AI е алатка, но не може да ја замени одговорноста за сопственото учење и одлуки. Во академската средина тоа значи почитување на авторството, избегнување плагијат и свесно користење на AI за поддршка, а не за целосно решавање тестови или задачи.
Во професионалната кариера, етичноста се манифестира како транспарентност при користење на AI, разбирање на ограничувањата на технологијата, и одговорност за одлуките кои се носат со поддршка на AI. Јас практикувам и советувам студентите да развиваат критичка свест: секогаш да знаат што е нивна идеја, а што е генерирано од алатката, и како тоа влијае врз другите луѓе или процеси.

Кои се најголемите грешки кои ги прават универзитетите или компаниите во подготвување на луѓето за растот на вештачката интелигенција?
Мислам дека предизвиците се веќе очигледни и ни се на сите познати:
- Прекумерен фокус на технологијата и недостаток на развивање на преносливи вештини – многу универзитети и компании предаваат само конкретни технички вештини (кодирање, AI модели) без да вметнат критичко размислување, етика, тимска работа и комуникација.
- Недоволна интеграција во практиката – често образованието или обуките се теоретски, без вистински проекти, реални студии на случаи или работа со мултидисциплинарни тимови. Тоа им отежнува на студентите и професионалците да ги применат вештините кога ќе се сретнат со реален свет.
- Сегментацијата на учењето и работата. Универзитетите често предаваат вештини како „одделни модули“, без контекст на тоа како тие ќе се применуваат со други дисциплини или реални ситуации. Компаниите пак, понекогаш нудат кратки тренинзи без да создадат систем на поддршка за интеграција на новите знаења во секојдневната работа. Решението е создавање „екосистем на учење“ каде технологијата, етиката, човечките вештини и практичната примена се поврзани.
Дали има премени и во важноста кај „меките вештини“ (soft skills) предизвикани од вештачката интелигенција?
Меките вештини не само што се поважни, туку се менуваат во својата природа. На пример, лидерството денес не е само да се „управува тимот“, туку да се координира работа помеѓу луѓе и AI системи, да се донесуваат одлуки кога податоците се непотполни или контрадикторни, и да се одржува човечки аспект во дигитално‑интензивна средина. Тоа значи дека социјалната интелигенција и емпатијата се развиваат кон „интерфејс со технологии и луѓе“, а критичкото размислување се применува на сложени системи, не само на човечки ситуации.
Речиси сите „меки“ компетенции сега се моделизираат и се учат како системи — на пример, резилиентноста може да се развива преку микро‑симулации или интерактивни апликации, критичкото размислување преку анализа на податоци и сценарија. AI овозможува персонализирани патеки за развој на овие вештини, што ја менува традиционалната природа на меки вештини од нешто апстрактно во нешто што може активно да се вежба, мери и развива.
Вештачката интелигенција донесе промени на пазарот на труд речиси преку ноќ. Колку е важен концептот на доживотно учење? Каков совет имате за професионалците кои треба да се адаптираат?
Вештачката интелигенција го забрза темпото на промени на пазарот на труд, а тоа го прави концептот на доживотно учење повеќе од само корисен — станува суштинска стратегија за професионален опстанок и релевантност. Но денес, доживотното учење не значи само прифаќање на нови курсеви, туку и развивање на способноста да се учи во динамични, неизвесни системи каде технологијата постојано менува правила.
Мој совет за професионалците е да размислуваат во три правци:
Активно учење преку практика и експерименти – не е доволно само да се следат онлајн курсеви. Најдобро се учи преку проекти, симулации и реални ситуации каде AI и новите технологии се присутни. На тој начин се развиваат не само технички компетенции, туку и способноста да се донесуваат одлуки во несигурни средини или со непотполни информации.
Комбинирање на технички и „меки“ вештини – професионалците кои ќе успеат да го поврзат разбирањето на AI и дигитални алатки со критичко размислување, социјална интелигенција и креативност ќе бидат конкурентни. Ова не е класичен „мек + технички“ пристап, туку длабока интеграција на човечки и дигитални способности.
Развој на метакогнитивни и адаптибилни компетенции – во ерата на брзи промени, најважно е да се научи како да се учи и како да се прилагодуваме на нови улоги, технологии и модели на работа. Тоа значи да се развива свесност за сопствените силни и слаби страни, способност за брза рефлексија и прилагодување, и умеење да се работи со луѓе и AI во ист тим.
Концептот на доживотно учење денес значи да се стане „флексибилен професионалец“, кој постојано експериментира, ја интегрира технологијата со човечки вештини и е подготвена за промена дури и во ситуации кои не можеме целосно да ги предвидиме.







