Како релативно ново и непознато студио, Broadside Games успева да понуди на FPS фанатиците неверојатна акција во прво лице. Со забавни оружја, предизвикувачки непријатели и одличен дизајн на мапите, Bears in Space успева да раскаже приказна која успешно жонглира научно-фантастични елементи со сув хумор. Како резултат, добивате бројни акциони моменти. Иако акцијата потсетува на бројни Boomer шутери, шареноликиот визуелен стил допринесува до уникатно и ретко-видено искуство.
Одлично демо за одлична игра!
Во случај да го проверите демото, ќе наидете на вртоглава адреналинска акција каде користите најразлични оружја за да се спротиставите на орда од роботи на различни места. Бројните роботи имаат различни напади и начини на движење. Иако интелегенцијата не им е на високо ниво, нивната агресивност е до тој степен висока да константно ве принудуваат да сте во движење, да ги избегнувате нападите преку (двојно) скокање и истрчување, како и да ги користите предностите на бројните оружја или уникатни способности.
Во Bears in Space играте со Максвел Атомс – космонаут кој, по низа ситуации, ја има измешано својата ДНК со мечката Бертана. Не прашувајте… приказната е замислена да биде што е можно пооткачена, со бројни внатрешни разговори, дијалози со уште пооткачени ликови и користење арсенал од интересни досетки. Ваквата откачена приказна одлично се вклопува со сите останати елементи од играта, особено начинот на кој се осмислени оружјата за да се понуди деструктивност во најчиста форма. Откачениот дизајн не застанува тука, туку се проширува и кон самите непријатели, мапи, па дури и скриени игри.
Има многу невообичаени и крајно неочекувани моменти во Bears in Space. Еден од, можеби, најдобрите е кога ќе ја најдете и изедете вашата прва тегла мед. Во таа ситуација ДНК на мечката во вас ја презема контролата и ве буквално трансформира во разбесната мечка која не може да користи оружја, туку напаѓа со кунг-фу потези, силни удари и магични напади. Целата ситуација е урнебесно апсурдна и во ниеден момент не ни здосади адреналинското скокање и напаѓање од една кон друга страна.
Главната кампања во Bears in Space игра подеднакво важна улога како и мини игрите низ кои наидувате. Секоја од мини игрите се одликува со интересни и забавни механики и, од страв да не пропуштите некоја, ќе се наоѓате себеси како внимателно го истражувате секој агол од мапите во кои се наоѓате.
Сите овие работи ја прават Bears in Space како неверојатно дигитално остварување кое топло го препорачуваме на сите FPS ентузијасти. Под услов да сакате вртоглава акција, чедото на Broadside Games ќе знае како да ја награди вашата временска посвета.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Broadside Games
- Издава: Ravenscourt
- Жанр: FPS
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 22 март 2024