Неодамна пишувавме за потенцијалите на Beeftext – алатка која ви дозволува автоматски да се се напишат претходно осмислени текстови секојпат кога ќе се детектираат одредени тригер зборови.
Ovy e малку поразлично животно и ви дозволува да одговарате на и-мејлови со само еден клик, односно автоматски да генерирате порака, од почеток до крај. Верувале или не, според одредено истражување, секој професионалец поминувал 28% од работниот ден одговарајќи мејлови. Дури и да ви се чини ова како многу, сепак се случува во денот да добиете барем неколку мејлови за кои немате време да ги одговорите, а знаете и самите дека би било убаво да ги испочитувате со одговор.
Ovy е алатка која го прави тоа со вас. Како екстензија, Ovy се втомува во вашиот Chrome прелистувач и секојпат кога ќе отворите Gmail и ќе кликнете на копчето reply, Ovy нуди неколку можни одговори, според јазикот и природата на мејлот.

При пишување на секој мејл имате неколку понудени опции. Со кликнување на 👍, автоматски се пишува позитивен одговор, а со кликнување на 👎 автоматски се создава негативен одговор, нешто слично како горната слика во која добивме понуда за продолжување на претплатата. Од друга страна, копчето 🙏 создава мејл со кој му се заблагодарувате на лицето, но не прифаќате или одбивате ништо. Последното копче, 📅, ви дозволува да се создаде автоматски одговор, но со закажување средба или состанок преку ден и време кое вие рачно го одредувате. За крај, со копчето Generate Reply, можете вие да напишете како да биде одговорот.
Интересна работа тука е тоа што доколку го напишете одговорот на македонски, а мејлот што сте го добиеле е на аглиски, тогаш и вашиот одговор ќе биде автоматски преведен на англиски, и обратно. Ова значи дека доколку добиете мејл на македонски, тогаш и автоматскиот имејл кој ќе го генерирате ќе биде на македонски и поврзан со природата на самиот мејл. Ние се игравме со автоматско генерирање одговори на неколку мејлови напишани на македонски, но резултатите со со сомнителен квалитет и често бараа рачно да промениме одредени работи. За генерирање одговори, Ovy ја користи креативната моќ на GPT3.
За жал, Ovy не е бесплатна алатка, а по краткото дружење со неа, навистина сметаме дека би требало. Она што нѝ е запрепастувачки е фактот што откако ќе создадете 50 одговори, потребна е месечна претплата од 10 евра за основниот пакет (200 автоматски одговори месечно) или 25 евра месечно за 500 одговори месечно. Значи, не само што е скапо, туку и го ограничува бројот на автоматско генерирани одговори. Изреката дека времето е пари никогаш не била поточна како со Ovy.







