Astor: Blade of the Monolith е една од игрите кои со месеци ги следевме внимателно. Играта не заинтригира до тој степен да едноставно моравме да го контактираме развојното студио C2 Game Studio и да поразговараме за одредени аспекти поврзани со играта. Недела дена како играта е излезена, но дали успева да ги оправда нашите очекувања? Да! И, не…
Во пресрет на судбината!
Astor: Blade of the Monolith е солидна и крајно симпатична инди игра со епска авантура и динамични hack-and-slash битки. Но, ова е исто така и игра во која се забележителни одредени компромиси.
Од една страна, приказната е богата со лор кој сведочи за турболентно минато, но, од друга, недоволно добро ги раздлабочува моментните тегоби. Слично на ова, полу-отворениот свет знае да импресионира со квалитетниот дизајн во едни области, а да разочара со недоволна и некреативна посвета во други.
Како резултат, се остава на вас да заклучите дали светот е полу-полн или полу-празен. Како и да е, ќе имате впечаток дека нешто фали.

Играјќи со Астор, ќе ја започнете играта во едни мистериозни рушевини. За брзо време ќе наидете на моќен меч со кој ќе ви се отвори патот кој нови и ефикасни моќи. Благодарение на ова, полесно ќе можете да се справувате со бројните непријатели.
Покрај мечот, подоцна во играта ќе отклучите уште три оружја како ракавици, чекан и копје. Дополнително, одредени способности се поврзани со руните кои ги отклучувате. Комбинација од оружјата и способностите кои произлегуваат од руните, допринесуваат до секогаш свежи и динамични битки.

Astor: Blade of the Monolith влече инспирација од Devil May Cry, Bayonetta, и The Legend of Zelda
Во карактеристичен и лесно препознатлив hack-and-slash стил битките се одлично реазлизирани и, често пати, со задоволство ќе навлегувате во предизвикувачки битки каде се тркалате, блокирате или избегнувате ударци или пак користите серија од движења за визуелно елиминирање на непријателите.

Иако нема голема длабочина во битките, во ниеден момент не почуствувавме монотоно напредување, туку со задоволство ги истражувавме бројните карпести пештери, зашумени области, или пак опустошени планински места. Во Astor: Blade of the Monolith се охрабрува темелното истражување. Таквото нешто ве наградува со надградби, споредни мисии и дополнителни можности за епски битки.

Во Astor: Blade of the Monolith, ќе навлезете во дваесетчасовна кампања и ќе се соочите со 16 различни непријатели и 10 босови. Нема никакво сомневање дека тимот ја направил играта со многу знаење и љубов, но, надвор од битките и одредените области „епска“-та етикета остава горлив вкус и би можела да ги разочара попробирливите гејмери. За среќа, поголемиот дел од гејмерите би гледале да горе-споменатите недостатоци како на мали, па дури и незабележливи ситници и нема да дозволат да биде премногу загрозено севкупното искуство.

Повеќе детали за играта
- Произведува: C2 Game Studio
- Издава: Versus Evil, tinyBuild
- Жанр: акциона RPG
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 30 мај 2024