Apple Watch и покрај тоа што доаѓа со голема помпа што ќе му донесе големи продажби на Apple, сепак е далеку од најдобриот паметен часовник, ниту најубавиот, ниту најкорисниот часовник, иако Apple е само на почеток со развојот на апликациите за часовникот.
Ако земеме во предвид дека часовниците сепак се модни аксесоари, тогаш Apple Watch е далеку од најубавиот паметен часовник на пазарот. Неодамна го видовме новиот часовник на LG – LG Watch Urbane кој покажува како треба да изгледаат современите верзија на ваков уред. Ако одиме чекор понатаму Apple Watch не е ништо поубав од ASUS ZenWatch и доаѓа со слична функционалност, иако за корисниците на iPhone, Apple Watch и Pebble се единствени опции бидејќи само овие два часовници можат да се синхронизираат со iPhone. Што се однесува до материјалите за изработка Apple објави дека има специјално изработен челик за часовникот, кој дури и да е поиздржлив од конкурентите, најверојатно доколку е доведена цврстината на металот во прашање, електрониката на часовникот нема да издржи.
Оперативниот систем кој Apple го изработи за часовникот не е воопшто поимпресивен од Android Wear и иако не е копија, сепак нема никаква разлика во функционалноста. Glances е потполно иста функционалност како Google Now картичките кои пристигаат до часовникот, но Apple може да има предност со Research Kit доколку ја развие платформата како што треба за часовниците.
Најголемата предност на Android часовниците сè чини дека е цената. Основниот модел на Apple Watch доаѓа за 350 долари, додека Pebble кој е Android/iOS хибрид е 300 долари, ASUS ZenWatch 200 долари, a прекрасниот Мото 360 чини 250 долари. Иако ниту еден од Android производителите не продава златен часовник, оваа идеја на компанијата е една од најчудните без сомневање наменет за побогатите корисници кои сепак ќе бидат свесни дека Apple Watch не е Rоlex и ќе мора да го менувате на секои две-три години, дел поради хардверот, дел поради унапредување на софтверската платформа.
Без сомневање следните верзии на Apple Watch ќе бидат подобри и најверојатно поубави, но барем за сега нема причина корисниците да ја купуваат првата итерација на уредот. За жал сè уште не постои вистински добра причина да го замените обичниот часовник со паметен, главно бидејќи ги имаат истите функции со телефоните кои и онака мора да ги носите за да функционираат часовниците.







