Apple се подготвува да го претстави својот AR/VR сет

Avatar img-thumbnail img-circle

во Хардвер

Последните неколку години одвреме-навреме се појавуваат гласини за нов уред – очила за проширена реалност на кој работи Apple. Компанијата официјално не ја потврдила оваа вест, а иако куп производители веќе неколку години имаат сопствени уреди, Apple досега не покажал ништо. Вообичаено вестите за уредот немаат премногу податоци, но Bloomberg оваа недела сподели детали за уредот кои не сме ги виделе досега.

Компанијата веќе на WWDC во јуни би можела да го претстави својот прв сет за проширена реалност. За разлика од iPhone и iPad кога компанијата точно знаеше што претставува, со сетот за проширена реалност ќе претстават уред со повеќе функционалности, со помош на кои, самиот сет ќе си ја пронајде публиката. Apple веќе го има тестирано овој пристап со паметниот часовник, а сега само ќе го повтори со новиот уред.

Иако нема функционалност која треба да го убеди корисникот дека уредот е неопходен, компанијата се надева дека со некои од првите функционалности ќе заинтригира доволен број на корисници. Потоа, дел од функционалностите ќе бидат отфрлени, а дел ќе бидат усовршени. Покрај првите апликации кои доаѓаат од Apple, во иднина веројатно ќе има повеќе интересни функционалности развиени од девелопери.

Веста за новиот оперативен систем протече уште во декември. Иако медиумите веднаш ја пренесоа веста засега, нема официјална потврда од компанијата. Неофицијално, името на оперативниот систем е xrOS.

Apple AR (https://unsplash.com/photos/87oz2SoV9Ug)

Што (неофицијално) ќе биде достапно за првите поддржувачи

Според поднесените барања за заштита, името на уредот ќе биде Reality Pro или Reality One. Уредот ќе доаѓа со поддршка за куп апликации кои се достапни на iPhone и iPad. Books, Camera, Contacts, FaceTime, Files, Freeform, Home, Mail, Maps, Messages, Music, Notes, Photos, Reminders, Safari, Stocks, TV и Weather ќе имаат верзија за проширена реалност. Покрај основните апликации ќе биде претставена апликација за медитација, која освен звук и упатство ќе доаѓа и со додадена графика. Слично на апликацијата за медитација, најавено е и сосем ново фитнес искуство со фокус на виртуелната реалност.

Се очекува Apple да претстави и нов портал за следење на спорт во живо, во виртуелна реалност. Ова ќе биде дел од влезот на Apple на полето на пренос на спортски натпревари во живо.

Видеоигрите ќе бидат дел од новата платформа, а иако нема најави се очекуваат повеќе популарни наслови од партнерите.

Најавена е и можност за користење на уредот како монитор за Mac. Покрај ова ќе има можност за користење на сетот за видео-повици и организирање на виртуелни состаноци со аватари.

Иако дел од овие функционалности се интересни, тешко дека ќе можат да ја оправдаат цената на уредот. Според шпекулациите цената на Reality One или Reality Pro ќе биде над 3000 долари.

Нов приклучок за полнење

За жал засега нема вести за хардверот кој ќе се користи во уредот. Единствено што дознавме е дека сетот ќе доаѓа со два различни приклучоци. USB-C ќе користи за пренос на податоци, а за полнење ќе има нов приклучок произведен од Apple.

Кабелот за полнење ќе се приклучува со помош на магнет. Штом приклучокот е на местото може да се заврти за да се заклучи кабелот. Во овој случај кабелот се приклучува директно во батеријата и двата дела нема да може да се разделат.

WWDC оваа година се одржува од 5-ти до 9-ти јуни, па за официјална потврда од Apple ќе треба да почекаме нешто повеќе од еден месец.

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Inline Feedbacks
View all comments