Проширената реалност е тука, а Apple не сака ништо да пропушти. SensoMotoric Instruments e германска компанија која развива технологија за вештачка интелигенција и следење на погледот. Купувањето на оваа компанија не беше голема аквизиција, па не одекна во јавноста, вели Macrumors.
Apple ги купи SensoMotoric Instruments преку шел компанијата Vineyard Capital Corporation. Веста ја потврди и анонимен извор, а двете компании засега молчат.
Сепак купувањето на компанијата не е најинтересниот дел. Дури не е ниту изненадување или новост дека Apple е заинтересиран за проширената реалност. Тим Кук речиси во секое интервју вели дека токму ова е следниот голем исчекор за технологијата.
Што може Apple да добие од SensoMotoric? Германската компанија има технологија која овозможува следење на погледот, но и управување со погледот. Компанијата во неколку видеоигри го користи единствено погледот за управување. Дополнително, има неколку интересни концепти кои овозможуваат следење на погледот.
Една од технологиите е следење на погледот кај спортисти и овозможува подиректен приод за тренерите. Ова би овозможило тренерот да го гледа она што го гледа и спортистот и да има подобар увид.
Компанијата тестира и куп други примени. Така на пример еден од тестовите креира мапа на погледот додека корисникот управува со возило. Ова може да е интересно за Apple за кој од поодамна се шпекулиира со развој на возило или барем на оперативен систем за возила.
Apple пак со iOS 11 и официјално сериозно започнува со имплементирање на проширената реалност.