Иако сме во исчекување на WWDC 2016 на Apple следната недела, сепак се чини дека веќе ја имаме главната вест нешто порано. Компанијата ќе направи редизајн на AppStore, а најверојатно најголемата вест е промената на заработката од апликациите. Редизајнот ги откри потпретседателот за глобален маркетинг на Apple, Фил Шилер, во интервју за Verge.
Аpple ќе стартува можност за претплата за сите апликации, и иако моделот не е нов за Apple, досега беше достапен само за дел од апликациите. Односот на заработка е 70/30 за девелоперот, а за претплати подолги од една година делот на Apple ќе биде понизок за 15 отсто, односно 85/15 за девелоперите. Во иднина овој пристап ќе ѝ овозможи на компанијата постабилна заработка од постоечките корисници.
Друг новитет е носењето на реклами за апликации во Add Store. Ова пред повеќе од една година го направи и Google. За корисниците ова значи дека ќе треба да поминат подолго време за да пронајдат апликација која им е потребна, иако, пронаоѓањето на спонзорирана апликација можеби не е најлошата работа која може да се случи. Закупувањето на рекламен простор ќе биде направено преку аукции. Засега делот со реклами не е загарантиран, и г. Шилер вели дека нема да го направат доколку не се убедени дека се фер кон сите развивачи.
Засега нема промени на App Store, но првите ќе бидат достапни најверојатно нешто подоцна летово. Повеќе информации ќе дознаеме веќе во понеделник на WWDC.