Компанијата Meta во чија сопственост се Facebook, Instagram и WhatsApp ќе мора да се збогува со Giphy. Британската агенција за заштита на конкуренцијата ѝ нареди на компанијата да ја продаде популарната платформа за GIF анимирани слики.
Ова е потврда на одлуката која агенцијата ја донесе пред една година (ноември 2021), но тогаш по жалбата на Meta беше одложена. Случајот беше вратен до Агенцијата за заштита на конкуренција и пазар (Competition and Markets Authority). Сепак и по новото разгледување, одлуката остана непроменета. Купувањето на Giphy доволно ја нарушува конкуренцијата за да биде побарано Meta да ја продаде платформата.
„Разочарани сме од одлуката на CMA, но прифаќаме дека одлуката е финална. Ќе соработуваме со CMA за деинвестирањето во Giphy“, вели претставникот на Facebook.
Одлуката е донесена поради две сериозни прекршувања. Конкурентите на Facebook го немаат истиот пристап до Giphy, како Facebook. Дополнително за сите промени кои ќе се прават во пристапот ќе биде потребно друштвените платформи кои го користат Giphy да достават повеќе податоци за британските корисници, пишува TechCrunch.
Овој договор значително ja намалува конкуренцијата на два пазари. Веќе резултираше со отстранување на потенцијален конкурент на пазарот на реклами во Обединетото Кралство, истовремено ѝ овозможува на Мета дополнително да ја зголеми својата моќ на друштвените мрежи.
Единствениот начин на кој ова може да се надмине е со продажба на Giphy. Така ќе се промовираат иновациите во дигиталното рекламирање, а истовремено ќе обезбеди корисниците на друштвените мрежи во Велика Британија да продолжат да имаат пристап до Giphy.
Пред купувањето Giphy беше еден од потенцијалните маркетинг конкуренти на Facebook на британскиот пазар. Отстранувањето на конкурент од сектор во кој и онака нема премногу конкуренција е една од причините за одлуката на CMA.
Facebook го купи Giphy во мај 2020 година за 400 милиони долари. Иако ова е една од највредните зделки на Facebook, сепак во споредба со 1 милијарда долари за Instagram или 19 милијарди долари за WhatsApp, нејзината вредност е речиси минијатурна.
Giphy е американска платформа – база на анимирани слики и пребарувач. Корисниците можат да пронајдат анимирани слики без звук, и потоа може да ги споделуваат каде сакаат, најчесто на друштвените мрежи. Основачи на Giphy се Алекс Чунг и Џејс Кук. Платформата е креирана во 2013 и во првата недела привлече 1 милион корисници. Имаат договори со над 200 партнери за хостирање на брендирани видеа во нивните канали.
Во периодот кој следи по одлуката на Британската агенција, Meta ќе треба да пронајде купувач за Giphy. Иако е многу рано, засега ниту една компанија не покажала интерес за купување на платформата.