Доколку сте личност која секогаш сака да ги извршува работите навремено и своите обврски да ги автоматизира колку е можно повеќе, Schemes е одлична апликација за таа цел. Schemes е апликација со која ќе можете однапред да закажете кога да испратите SMS порака, мејл, твит или статус на Facebook.
Сѐ што треба да направите во апликацијата при нејзиното стартување е да се најавите на вашите Gmail, Twitter и Facebook профили, во зависност од тоа за што ќе ја користите апликацијата. Секако, подоцна имате можност да се најавите или одјавите од одреден профил.
Апликацијата има едноставен и елегантен дизајн со само неколку полиња за селектирање и пишување на пораката. За да испратите одредена порака, само притиснете на иконката за создавање на нова порака, селектирајте за која друштвена мрежа или сервис се работи, впишете ја пораката и изберете време кога истата да биде објавена. Во случај доколку не изберете време и датум, пораката ќе биде испратена веднаш, но тоа не е вистинската намена на оваа апликација.
Доколку при стартувањето на апликацијата не регистриравте некој од вашите профили, тоа можете да го сторете преку страницата за поставувања до која може да се пристапи од иконката во горниот лев агол. Во случај да сакате да откажете некоја закажана порака, задржете врз неа и притиснете на Х копчето.
Schemes е бесплатна и можете да ја преземете од Google Play.