Сите понапредни технолошки ентузијасти со Android паметни телефони сигурно на својот паметен телефон имаат инсталирано различни ROM-ови, кернели и други модификации. Многумина пак имаат и директно пристапувано до системот и имаат правено промени во конфигурационите датотеки.
За не толку напредните корисници на паметни телефони, UniFlash е одличен и поедноставен начин да одите „позади сцената“ на вашиот Android телефон. Со едноставен графички интерфејс, UniFlash им овозможува на сите корисници едноставно да инсталираат нови ROM-ови, да го флешуваат својот телефон или да направат бекап или ристор.
Но, за да функционира UniFlash, потребно е да ви биде отклучен бутлоадерот, да имате рут пристап, custom recovery и да ви биде овозможено USB дебагирањето. Доколку ги исполнувате сите овие услови, можете слободно да го користите UniFlash. Исто така, со оваа апликација лесно ќе можете да инсталирате и бришете апликации директно од вашиот компјутер, користејќи ја APK датотеката на апликацијата.
UniFlash е едноставна алатка за користење, но мора да бидете внимателни како оперирате со неа, бидејќи може работите да тргнат наопаку и да си имате дополнителни проблеми. Затоа, препорачливо е да си направите бекап, пред да правите било какви промени.

