Како релативно „тазе“ развојно студио, Phew Phew Games успева од прва рака да понуди забавен, ретро-испириран платформер. Со одлична приказна, комплексни механики и разиграна музичка подлога, Anomaly Agent целосно ги оправдува 96% позитивните рецензии на Steam и се поставува како впечатлива авантура која имплементира одлични битки во незаборавна киберпанк приказна со временски аномалии.
Безуспешна битка со времето
Во Anomaly Agent играта со агентот 70 и вашата цел е да ставите крај на бројните аномалии кои би можеле да го уништат целиот свет.
Напредувајќи низ бројни дводимензионални мапи, ќе се спротивставите со предизвикувачки непријатели и ќе користите бројни, надградливи способности.

Непријателите со кои се соочувате се одликуваат со уникатни напади. За поголем предизвик, пар од непријатели можат да се „претопат“ во значително попредизвикувачка верзија која користи нова серија од офанзивни напади.
Покрај ова, често ќе се соочувате и со паметно осмислени босови. Нивните напади често се менуваат и, доколку сакате да издвоите победа, потребно е да имате брзи рефлекси и паметно да ги користите способностите со кои располагате.

Во поглед на тоа, можете да се тркалате за да избегнувате удари, или пак да користите актовка за да блокирате напади.
Паралелно со ова, можете да удирате со тупаници, како и да користите визуелно импресивни комбинации од ладни и огнени оружја.

Низ играта можете да отклучувате или надградувате способности користејќи три валути. Првата валута е поврзана со собирање пари од елиминираните противници.
Двете други валути се поврзани со одлуките кои ги донесувате при водење разговори со ликовите. Во зависност од тоа дали ќе кажете нешто што ќе го налути или расположи учесникот во разговорот ќе добиете и соодветна валута (насмејано или натажено лице).
Во случај да соберете доволно, ќе можете да го надградите вашето здравје, да добиете повеќе пари, и слично.

Доколку сакате невообичатени акциони игри, со импресивна приказна, имерзивен саундтрак и интересни борбени механики, тогаш Anomaly Agent е игра која би требало да ја проверите.
Чедото на Phew Phew Games во ниеден момент не го злоупотребува вашето гостопримство и по петчасовно дружење, ќе ви дозволи да се префрлите на некој друг наслов. Или, пак, ќе ви дозволи да поминете низ кампањата одново, но со поголем предизвик.
Повеќе детали за играта
- Произведува: Phew Phew Games
- Издава: Phew Phew Games
- Жанр: платформер
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 24 јануари 2024