Aмериканската војска наскоро ќе добиe паметни телефони преку кои ќе можe безбедно да се споделуваат доверливи документи, пишува CNN повикувајќи се на анонимни извори.
Телефоните ќе работат на модифицирана верзија на слободниот Android. Целта на хакирањето е телефоните да бидат доволно безбедни за да можат владините службеници да споделуваат доверливи документи. Преку уредите војниците и службениците ќе можат да споделат дигитална мапа или да се праќаат документи од јавни места без страв дека ќе бидат пресретнати.
Во САД е забрането владини службеници и војници да користат паметни телефони за да споделуваат и комуницираат доверливи документи, пишува CNN. Можат да се користат само уреди кои работат според безбедносни спецификации. Американската војска има околу стотина такви уреди. Околу 40 телефони биле испратени лани, а се очекува уште 50 телефони и 75 таблет компјутери да бидат испратени во март до војниците, најверојатно стационирани на Блискиот Исток.
Интересно, анонимните извори велат дека војската не сака да направи свој уред, туку сака да инсталира модифициран комерцијален софтвер на комерцијални уреди. Така е поефтино и така ќе останат во тек со најновите технологии и уреди на пазарот.
Американската армија ќе си игра со Google Android бидејќи е достапен изворниот код на популарната платформа. Што се однесува до iOS, Apple одби да и дозволи пристап на војската до кодот на мобилниот оперативен систем.