Amazon пронајде нова употреба за гласовниот асистент Alexa. Компанијата претстави контролер за играње на видеоигри со кој играчите ќе може да даваат вербални команди. Alexa Game Control беше претставен на првиот ден на отворањето на најголемиот саем за видеоигри во Европа, Gamescom.
Контролер во случајов е употребен прилично либерално. Станува дел за алатка која е дел од Alexa и им овозможува на играчите да користат гласовни команди во игрите. Планот е командите да се користат за интеракција со NPC или за промена на оружје. Генерално во видеоигрите Alexa ќе се користи како и во вистинскиот свет, само што нема да има потреба од клучниот збор „Alexa“ пред секоја команда. Наместо ова играчот притиска на „push to talk“ копчето и издава команда.
За користење на Alexa Game Control е потребен микрофон или слушалки со микрофон и профил на Амазон. Никаков дополнителен уред или претплата не се потребни. Алатката е достапна за користење на PC и за Xbox. Во прво време ќе биде достапно во Северна Америка и исклучиво на англиски јазик, но Amazon планира да ги прошири реоните и јазиците. Дополнително за иднина е најавена и поддршка за PlayStation и Nintendo Switch.
Замислата е преку гласовни команди да се зголеми имерзивноста на игрите. Играчите ќе можат интуитивно да управуваат во светот, а ќе се овозможи и играње за лицата со попреченост.
Посомничавите можеби и не веруваат дека Amazon ќе најде студио кое ќе ја користи оваа функционалност. Сепак веќе ја имаме и првата најавена игра со Alexa Game Control. Dambuster Studios најавија дека супер популарната Dead Island 2 ќе поддржува гласовни команди.
Alexa Game Control ќе може да се користи исклучиво кога корисникот е приклучен на интернет. Сепак за играње на Dead Island 2 нема да биде неопходно да се користат гласовни команди. Dead Island ќе биде достапна од 3 февруари 2023, на Epic Games Store, а играта веќе е достапна во претпродажба.