Основната идеја зад Age of Darkness: Final Stand е да се „осветлуваат мрачните мапи, да се градат најразлични структури и да се брани против ордите од ноќни мори“. По неколку годишна работа, развојното студио PlaySide Studios, и понатаму не се откажува од остварување на оваа визија.
Со неодамнешното содржително надополнување, насловено како Exile’s Return, девелоперите уште еднаш покажуваат дека знаат што работат и дека целосно ги оправдуваат 80% позитивни рецензии на Steam.
Собирање, градење и борење!
Собирање, градење и борење се трите клучни принципи врз кои се засноваат механиките во Age of Darkness: Final Stand. Играта се одликува со елементи кои се препознатливи за класичниот RPS жанр, но истите имаат претрпено одредени измени за да се произлезе со уникатна и ретко-видена формула.
На процедурално генерираната мапа, доминира угнетувачка магла која, од една страна, го цеди здравјето на вашите единици, а, од друга, ги крие непријателите. За да работите бидат полоши, непријателите се легија, во вистинска смисла на зборот. Користејќи технологија која се вика SwarmTech, девелоперите успеваат да рендерираат над 70 000 непријателски единици, од еднаш!
За да упеете да се спротивставите на огромните непријателски сили, ќе градите најразлични одбрамбени структури, а и ќе управувате со моќни и уникатни херои. Секој од хероите располага со клучни способности и вештини кои играат клучна улога за преживување.
Покрај ова, ќе мора да земете во предвид дали е ден или ноќ. Преку ден ќе можете да собирате ресурси и да градите, додека преку ноќ, па, преку ноќ ќе можете лесно да проверите дали сте плен и ловец.
Како игра со елементи на преживување, во Age of Darkness: Final Stand ќе наидете и на roguelite механики. Па така, malices се рандомно вметнати „параметри“ кои се замислени да ви ги искомплицираат работите при играње.
Доколку успеете да ја преживеете ноќта со активна malice, ќе можете да изберете една од три рандомно понудени благослови, со што ќе успеете подобро да се справите со новите предизвици.
Age of Darkness: Final Stand – Exile’s Return
Веќе две недели како е излезено најновото надополнување за играта. Насловено како Exile’s Return, надополнувањето ја проширува кампањата со третото поглавје, односно со три нови мисии, уникатна битка со бос, нов херој, како и бројни исправки во начинот на кој единиците заземаат формации или се движат до целта. Покрај ова, забележителни се и бројни подобрувања во оптимизацијата на енџинот.
Тапкање во темницата на раниот пристап
Во меѓувреме, Age of Darkness: Final Stand и понатаму останува да е дел од раниот пристап на Steam. Се чини дека PlaySide Studios не сакаат да брзаат со чедото и планираат понатамошно разработување на survival режимот иако, се имаат изјаснето дека, со Exile’s Return, кампањата е завршена.
До 5 февруари, играта се продава со 33% попуст, односно за неполни 15 евра. Како огромни фанови на стратегии што имплементираат уникатни механики, ова нам ни се чини како одлична зделка!
Повеќе детали за играта
- Произведува: PlaySide Studios
- Издава: Team17
- Жанр: Стратегија, Survival
- Платформа: Microsoft Windows
- Ќе излезе на: 7 октомври 2021