Google е решен да подобри уште една од своите платформи со додавање на вештачка интелигенција. Компанијата планира наскоро да додаде „големи јазични модели“ на Google Maps. Ова ќе им овозможи на корисниците да користат вештачка интелигенција да пронајдат интересни места во близина.
Додавањето на вештачка интелигенција на мапата ќе им помогне на корисниците да добијат персонализирани препораки кога ќе ја користат мапата. Google има огромна база со детални информации за над 250 милиони локации. Овие податоци се надградени со информации кои ги додаваат над 300 милиони контрибутори од Google Maps заедницата. Благодарение на оваа комбинација на платформи и податоци корисниците ќе може да добијат релевантни податоци врз база на некои свои преференции.
Во прво време препораките генерирани од вештачка интелигенција ќе бидат достапни во САД. Барем засега немаше најава кога функционалноста ќе биде достапна и на други локации.
Да речеме дека сте во посета на Сан Франциско и имате испланирани неколку часа во барање на одлични зделки за уникатни винтиџ наоди. Само кажете им на „Maps“ што барате, како „места со винтиџ атмосфера во Сан Франциско“. Нашиот модел со вештачка интелигенција ќе ги анализира информациите од „Maps“ за блиските бизниси и места, заедно со слики, оценки и рецензии од „Maps“-заедницата за да ви дадат најдобри предлози.
Додавањето на вештачка интелигенција во мапите е само логичен чекор напред. Компанијата речиси од почетоците се обидуваше да направи од Google Maps платформа на која корисниците ќе можат да пронајдат интересни места и настани, а не само платформа на која ќе добиваат упатство како да стигнат од локација А до локација Б. Во едно време дури имаше и идеи за додавање на нотификации кога се случува нешто во некои од локалите кои ви се во близина. Додавањето на вештачка интелигенција во апликацијата е само уште еден логичен исчекор.
За почеток, пристап до вештачката интелигенција ќе има потесен круг водичи од „Local Guides“ заедницата. Доколку сè помине во добар ред, платформата ќе биде отворена и за останатите корисници.
Засега единствен пример за тоа како вистинскиот резултат од примерот ќе изгледа е видеото кое го сподели Google. Од она што може да го видиме одговорот е сличен на оној кој ќе го добиеме со Bard и пребарувањето се претвора во разговор. Додавањето на вештачка интелигенција е добредојденo за релевантни и персонализирани информации за корисниците. Која е следната локација на која Google ќе искористи вештачка интелигенција ќе дознаеме во иднина.