0 коментари 4 мин. читање 10 ноември, 2025

Повик за функционални веб-страници за локалната самоуправа и институциите од јавниот сектор

Министерството за дигитална трансформација објави Јавен повик до сите единици на локалната самоуправа (општини) и институции од јавниот сектор за изработка на официјални, современи и функционални веб-страници. Целта на повикот е унапредување на дигиталната инфраструктура, поголема транспарентност и подобра пристапност на јавниот сектор за граѓаните.

Иницијативата е клучен дел од процесот на дигитализација на локалната самоуправа која во најголем дел користи застарени и несоодветни решенија. Јавниот повик преку модерни дигитални решенија треба да помогне за подобрување на комуникацијата помеѓу локалната самоуправа и граѓаните.

Поголема безбедност или повторно стари проблеми

Иако не е директно споменат во Повикот, веројатно најважниот дел од на надградба е што новите решенија ќе бидат побезбедни. Пред само неколку години бевме сведоци на сериозен напад на ФЗОМ. Тука се и проблемите на сајтот на Владата, каде безбедносни пропусти беа искористени за креирање и индексирање на милиони лажни резултати поврзани со продажба на патики, облека и аксесоари на спортски брендови. Ова не само што беше (и останува) срам за дигиталниот имиџ на државата, туку покажа и дека често овие проблеми остануваат со години по откривањето. Слични проблеми беа забележани и на други значајни државни платформи каде што се појавуваа линкови до сомнителни сајтови.

Со новиот повик, Министерството ќе се обиде да воспостави безбеден, унифициран и модерен дигитален изглед. Но ќе треба и да се елиминираат овие пропусти за да се спречат злоупотреби кои можат да предизвикаат паника и да ја нарушат и онака ниската доверба.

Обука и одржување

За да се избегне враќање на истите проблеми со неажурираност и застареност, ќе мора да се обезбеди и одржливост на новите страници. Во повикот стои дека ќе се обезбеди обука за одржување и ажурирање на содржината за да се изгради капацитет во самите институции. Дополнително, најавено е едногодишно одржување на веб-страницата – со што се гарантира нејзината функционалност и сигурност во првата година. Ова за жал не ветува премногу. Ако судиме по досегашните искуства, веб-страниците по овој период ќе останат без одржување, што ќе ги направи лесни цели за хакерски напади и злоупотреби.

Покрај обуката и одржувањето, општините и јавните институции ќе добијат пакет во кој се вклучени изработка на модерен и функционален дизајн на позната платформа; поддршка за пристапност и подобрено корисничко искуство; интеграција со постоечки дигитални услуги и платформи кои веќе се користат; и миграција на сите податоци од постоечката на новата веб-страница.

Во повикот може да учествуваат сите општини и институции од јавниот сектор. Пријавите се отворени до крајот на годината и завршуваат на 31 декември 2025 година и ќе се обработуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“. На повикот може да се пријават сите општини и институции од јавниот сектор без разлика од големината, бројот на жители и статусот на постоечкото решение.

„Министерството за дигитална трансформација ги охрабрува сите субјекти да ја искористат оваа можност за модерна и безбедна комуникација со граѓаните, нагласувајќи дека заеднички се гради дигитално општество – транспарентно, поврзано и достапно за сите.“, пишува во Повикот.

Повеќе податоци за повикот се достапни на страницата на министерството за дигитална трансформација.

Avatar photo
Напишано од

IT.mk редакција

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top