Развиена од талентираното студио Relic Entertainment, кое е најдобро познато по нивната работа на серијалите Company of Heroes и Warhammer 40,000: Dawn of War, Age of Empires IV успеја да ја модернизира клучната формула, истата онаа формула што ја направи Age of Empires II бесмртен класик, без, притоа, да ја изгуби длабочината и историскиот шарм што го дефинираа серијалот.
По неколку години на постојани ажурирања, балансирање и проширувања на содржината, верзијата на играта што ја имаме денес е значително побогата, похрабра и поиновативна од нејзиното првично издание. Основната верзија, сега позната како Anniversary Edition, ја постави основата со вкупно десет цивилизации. Age of Empires IV го врати познатиот циклус на игра каде имате за задача да собирате ресурси (храна, дрво, злато и камен), да развивате функционална економија и воена машинерија, и да напредувате низ четири историски доба – од мрачниот век до царското доба. Сево ова беше креативно поставено во длабок асиметричен дизајн каде што секоја цивилизација нуди фундаментално различен пристап кон играта.

Она што инстантно ја издвојува Age of Empires IV е неговиот уникатен аудио-визуелен идентитет и суптилните, но значајни промени во основните механики. Визуелно, играта се одлучи за стилизиран, речиси сликарски уметнички правец, давајќи приоритет на прегледноста на бојното поле наместо на фото-реализмот. Звучниот дизајн, од друга страна, е недвосмислено ремек-дело каде оркестралната музика динамично се прилагодува на ситуацијата во играта, а звучните ефекти на опсадните орудија и судирот на мечеви се маестрално вклопени за да дадат максимален ефект. Како огромни фанови на сите јазици, особено ни се допадна динамичната еволуција на јазикот кој единиците го зборуваат. Па така, вашите единици почнуваат, пример, со стар англиски или средновековен француски во првото доба, и постепено преминувајќи кон помодерни верзии на јазикот како што технолошки напредувате. Дефинитивно мора да се споменат и Landmarks каде избирате една од двете уникатни згради, добивајќи, притоа, специфични и трајни стратешки бонуси.

Основната Age of Empires IV нуди четири обемни кампањи за кои Relic усвои уникатен документарен пристап, со висококвалитетни видео сегменти снимени на денешните локации на историските битки, кои служат како вовед во секоја мисија. Пристапот дефинитивно потсетува на продукциите на ББС или History Channel, давајќи и на играта огромна едукативна вредност. За жал, само четири од основните десет цивилизации добија свои кампањи, а забележително беше и отсуството на поморски битки во истите.
Првата голема пкатежна експанзија, The Sultans Ascend, донесе две нови комплексни цивилизации, но и целосно нова кампања фокусирана на Блискиот Исток за време на Крстоносните војни, која за првпат воведе и мисии со поморска борба. Уште поважно, третата експанзија, Dynasties of the East, воведе револуционерен нов roguelite режим наречен The Crucible. Режимот со своите процедурално генерирани предизвици, рандомизирани цели и бранови на непријатели, е директен одговор на долгогодишниот проблем во RTS жанрот – ниската репризабилност на скапите соло кампањи, нудејќи речиси бескрајна содржина за еден играч.

Конечно на PS5!
Долги години, RTS жанрот важеше за ексклузивна територија специјално осмислена за PC гејмерите, но пристигнување на Age of Empires IV на PlayStation 5 претставува амбициозен обид да се урне таквата бариера. Како резултат, корисничкиот интерфејс е целосно редизајниран за да биде функционален со DualSense контролерот, воведувајќи интуитивни радијални менија и интелигентна автоматизација на селаните за да се намали потребата од постојан микро-менаџмент. За брзо време се здобивате со изненадувачки пријатно искуство за порелаксирано играње на кампањите.
Клучната карактеристика на PS5 верзијата е нејзината целосна поддршка за тастатура и глушец, и сопствениците на конзоли го имаат изборот помеѓу лежерно искуство од каучот или бескомпромисно PC искуство. Сепак, ќе се сложите, во онлајн натпреварувачко опкружување, брзината и прецизноста помеѓу контролер и тастатура и глувче се и објективни и непремостливи. Имајте во предвид, меѓутоа, PC верзијата го вклучува моќниот уредник за модови, кој овозможува создавање на бесконечна содржина од заедницата. Верзијата за PlayStation 5, од друга страна, нема никаков уредник и поради технички ограничувања останува затворен екосистем, целосно зависен од официјалната содржина објавена од програмерите.

Наместо само да додаваат нови фракции, студиото го воведоа иновативниот концепт на таканаречени варијантни цивилизации. Ова не се целосно нови фракции, туку длабоки реинтерпретации на веќе постоечките, со нови механики, единици и понекогаш дури и херои, како што е варијантата Jeanne d’Arc за Французите или Редот на змејот за Светото Римско Царство. Благодарение на ваквиот пристап, се овозможи драстично зголемување на стратешката разновидност без да се наруши балансот. Првата експанзија, The Sultans Ascend, ги донесе Јапонците и комплексните Византијци, додека вториот, помал пакет Knights of Cross and Rose, додаде уште варијанти и нов режим на историски битки. Третата експанзија, Dynasties of the East, го продолжи овој тренд со уште четири варијанти, вклучувајќи ја и македонската династија. Во поглед на овој додатоко, важно е да се напомене дека ова не се однесува на античкото кралство, туку на истоимената владејачка династија на Византиската империја во нејзиниот врв, која воведува уникатни механики како варангиската гарда и економија базирана на собирање сребро.

Од сево ова, повеќе од јасно е дека Age of Empires IV еволуираше во нешто похрабар и позначаен продолжеток. Играта сега комотно стои како цврст столб во RTS жанрот, успешно балансирајќи ја носталгијата со вистински иновации. Воведувањето на длабоко асиметрични цивилизации, концептот на варијанти и револуционерниот roguelite режим The Crucible докажуваат дека тимот не се плаши да експериментира и да ги поместува границите на жанрот. Неодамна излезената верзијата за PlayStation 5 е техничко достигнување и најуспешниот обид досега да се пренесе оваа комплексно искуство на контролер, отворајќи го жанрот за сосема нова публика. Како резултат, Age of Empires IV ем го оправда своето наследство, ем докажа дека стратегиите во реално време имаат светла и возбудлива иднина.

Повеќе детали за играта
- Произведува: World’s Edge, Relic Entertainment
- Издава: Xbox Game Studios
- Жанр: RPG
- Платформа: Microsoft Windows, конзоли
- Излезе на: 4 ноември 2025, за PS5







