0 коментари 6 мин. читање 17 март, 2025

Manus AI – Автономни агенти и иднината на работата

Релативно анонимниот кинески стартап Butterfly Effect, неодамна со својот агент за вештачка интелигенција Manus AI ненадејно влезе во фокусот на вештачката интелигенција и предизвика огромно внимание. Manus AI овозможува создавање АИ агенти способни за самостојно дејствување. Првичната презентација на Manus AI ја покажа неговата способност автономно да извршува задачи како креирање веб-страници, планирање патувања и развој на образовни ресурси. Manus AI е изграден на фино дотерување на Claude од Anthropic и Qwen на Alibaba Group Holding.

АИ агентите се системи на вештачка интелигенција дизајнирани да работат автономно, донесувајќи одлуки и преземајќи дејства без потреба од дополнителна човечка интервенција. Тие претставуваат надградба на традиционалните модели на вештачка интелигенција кои првенствено одговараат на директни барања. Овие агенти користат големи јазични модели за да планираат и извршуваат сложени задачи. Најчесто комплексните задачи се делат на подзадачи и се извршуваат од специјализирани подагенти. Предностите на АИ агентите вклучуваат зголемена ефикасност, автоматизација на повторувачки задачи и потенцијал за извршување на сложени операции што би биле временски интензивни или тешки за луѓето. На пример, можат да се користат за организирање патувања, управување со распореди и спроведување истражување, притоа прилагодувајќи се на променливите околности.

Она што е интересно е што Manus AI се споменува и во контекст на чекор кон општа вештачка интелигенција (AGI). Моделот претставува чекор кон создавање АИ системи кои можат да извршуваат широк спектар на задачи со човечка интелигенција и автономија. Manus AI е далеку од AGI. Сепак, неговата способност да планира и извршува задачи покажува напредок надвор од едноставни интеракции со четбот. Развојот на АИ агенти како Manus AI се  клучна пресвртница во потрагата по AGI, бидејќи ја покажува можноста АИ да работи во реални сценарија со минимален човечки надзор.

„MIT Technology Review успеа да добие пристап до Manus и кога го тестирав, сфатив дека неговото користење е како соработка со многу интелигентен и ефикасен практикант: иако понекогаш не разбира што се бара од него да направи, прави неточни претпоставки или наоѓа несоодветни кратенки за да ги забрза задачите, сепак, јасно објаснува кое е неговото резонирање, и може значително да се подобри со детални инструкции, или повратни информации. Конечно, тоа (Magnis AI) ветува, но не e совршен.“, вели Каивеи Чен од MIT Technology Review.

Кинеските компании се сè поконкурентни во АИ секторот поради неколку фактори. Најмногу поради значителните владини инвестиции во АИ истражување и развој. Тука секако е и пристапот на кинеските компании до огромни бази на податоци, кои се неопходни за обука вештачка интелигенција. Оваа предност на податоци, во комбинација со голем број квалификувани инженери, овозможува брза иновација. Покрај ова кинеските компании повеќе се фокусираат на практични апликации и развој на производи, што доведува до брзa имплементација на АИ решенија. Западните компании често се справуваат со повеќе правни ограничувања, а кинеските компании можат да развиваат побрзо.

Развојот на АИ агенти како Manus AI покренува важни прашања за приватноста и безбедноста на податоците. Корисниците даваат пристап до чувствителни лични и финансиски информации. Потенцијалот за злоупотреба и неовластен пристап е голем. Како што АИ агентите стануваат пораспространети, воспоставувањето јасни правни рамки и етички насоки ќе биде од клучно значење за да се обезбеди нивна безбедна и одговорна употреба.

Неколку примери на потенцијална употреба

Првите корисници на Manus веќе имаа можност да го искористат во сопствените тестови и секако да предложат нешто за што алатката би можела да биде корисна.

Идентификување на потенцијални клиенти и продажба:

Manus AI може да се користи за идентификување на потенцијални клиенти, истражување на нивните компании и креирање персонализирани повици. Еден корисникот побарал од Manus AI да идентификува компании кои би биле добар избор за производот на HubSpot. Manus AI најпрво ги идентификувал компаниите и ги пронашол контактите. Потоа ги анализирал нивните силни и слаби страни во однос на HubSpot и креирал скрипти за повици.

Маркетинг:

Manus AI може да се користи за процена, а потоа и ревидирање и ажурирање на содржината на веб-страниците за најсоодветно маркетинг решение.

Развој на веб-страници:

Manus AI може да се користи за креирање веб-страници и апликации. Веќе има повеќе примери во кои Manus AI бил користен за креирање на различни апликации или веб-страници. Дополнително аплатката е користена и за клонирање на постоечка веб-страница. „Жртва“ на Manus AI беше сајтот на Apple.

Регрутирање:

Manus AI може да се користи за прегледување на резимеа и рангирање на кандидатите. Секако веќе постојат решенија кои го овозможуваат ова. Сепак, агенти како Manus би можеле да бидат една алатка која ќе овозможува повече од едноставна анализа на голем број PDF резимеа.

Како да го користите Manus AI

За жал Manus AI не e отворен за јавна употреба. За тестирање или за да го користите потребно е да се пријавите на листа на чекање. Според неговите креатори има долга листа на чекање, а досега околу 1 отсто добиле пристап до алатката.

Avatar photo
Напишано од

Дејан Соколоски

Дејан Соколоски е автор на IT.mk. Долгогодишен гејмер кого го интересираат обновливите извори на енергија, автоматизација, хардвер, фан е на стрипови, алтернативна уметност и Ливерпул.

Сите написи од овој автор
Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Мени
Заедница
Изглед
To top