Зошто да ја играте?
- Фанови сте на визуелниот стил во Futurama
- Имате необјаснива желба за лепење за сите површини
- Кратка игра со едноставни, но забавни паркор механики

🎵 Спај – Спајдермен 🎶
Completely Stretchy е невообичаен платформер во еден разигран свет. Акцентот е на истражување преку качување, нишање и лепење на најразлични површини. Овие способности се возможни благодарение на неуспешниот експеримент каде вие сте главниот виновник. Како некој кој силно верува дека не треба да се плаче врз расипано млеко, ќе ги засукате фигуративните ракави на вашите растегливи раце и ќе започнете со епско нишање и качување низ преубавите Громби острови.




Во Completely Stretchy имате на располагање три региони. Секој од регионите се одликува со одредени квестови и активности. Но, најголемата вредност во играта е солидната механика за нишање, како и откривање тешко-достапни тајни. Иако често се охрабрува разговарањето со локалното население, наративната вредност е засенета од богатите можности за истражување.
Од визуелна гледна точка, Completely Stretchy би можело да ве потсети на телевизиското шоу Futurama, со надреални ликови, шаренолики предели и парадоксални ситуации. Играта е одлични оптимизирана, нудејќи стабилни FPS дури и на послаби компјутерски конфигурации. За поимпресивен впечаток, помага и разноликата музичка подлога, иако, мора да признаеме дека некои од песните беа исклучително еднолични.

Completely Stretchy се поставува некаде помеѓу Walking Simulator и едноставна авантура. Нема никакви комплексни механики или наративни елементи во играта на Warp Digital, односно Dan Ferguson. Ова никако не е лоша работа. На кракот од денот, Completely Stretchy е замилена да понуди брза и релаксирачка забава во еден шаренолик свет полн со невообичаени ликови.
Дел од (секундарните) квестови знаат да бидат здодевни по одредено време бидејќи нивната форма обично се сведува на: отиди таму – земи тоа. Но, нишањето е навистина забавно и пружа бројни можности за флуидно движење низ светот. Доколку барате безумно уживање во мали дози, Completely Stretchy е забавна игра, особено лудото нишање од една кон друга површина!

Повеќе детали за играта
- Произведува: Warp Digital, Dan Ferguson
- Издава: Super Rare Originals
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезе на: 12 јануари 2025