Ако нешто изгледа премногу добро, веројатно не е вистина. По сѐ изгледа дека многумина наши сограѓани и понатаму не ја разбираат оваа реченица, барем кога станува збор за брза заработка преку одредена апликација која што нуди заработка на пари без никаква бизнис логика зад самата апликација.
Conti е актуелна тема последниве денови, а воедно и последниот пример на пирамидална шема во низата.
Според неофицијални извори кои што пристигнаа до нашата редакција, околу 14,000 граѓани беа дел од Conti, а основачите на Conti се неколку млади лица од источна Македонија.
Најмногу вклучени граѓани имаше од Велес, Кавадарци, Неготино и Радовиш, но не изостануваа и граѓани од другите градови.
Како функционираат пирамидалните шеми како Conti?
Conti како апликација ги имаше сите елементи на пирамидална шема, односно само луѓето на врвот профитираат додека останатите страдаат. Начинот на функционирање на Conti не беше ништо поразличен од било која друга пирамидална шема која што ја имавме сретнато во минатото.
Практично кажано, целта е да се направи систем каде што секој нов член ќе го исплаќа претходниот, а пирамидата ќе расте додека има нови членови кои што ќе ги исплаќаат претходните.
Исплатата на средства се врши во крипто, што го прави сопственикот на платформата многу заштитен од потенцијални пријави и истраги.
На почетокот, жртвите може да добијат одредени исплати кои би ги охрабриле да внесат што повеќе нови членови во шемата и им се ветува процент од профитот на луѓето кои што ќе ги внесат.
Моментот кога пирамидата ќе порасне до ниво каде што новите членови нема да можат да ги исплаќаат претходните е истиот момент во кој пирамидата се руши и сите членови ги губат своите вложени пари.
Единствени кои што имаат профит од рушењето на пирамидата се членовите на самиот врв, сите други ги губат своите вложени пари.

За овие шеми да изгледаат поуверливо, основачите измислуваат одредени акативности за останатите членови во пирамидата и често ја претставуваат платформата како мулти левел маркетинг или нешто слично.
Активностите најчесто се гледање на видеа или реклами, кликање на некоја апликација и слично. Маркетингот на овие платформи е фокусиран на профитот по вложувањето на средствата и изостанува делот на економската логика на производот/шемата.
Овие активности се секогаш едноставни за да може да ги извршува буквално секој, бидејќи единствента цел е да се приклучат што повеќе нови членови кои што ќе вложат пари во апликацијата. Додека пак, активностите имаат за цел да ја “движат” приказната на пирамидалната шема.
После измамата, следува уште една измама
Во вакви случаи, од како ќе се сруши пирамидата, се појавуваат нови платформи, адвокатски тимови и слично кои што гарантираат враќање на изгубените средства од пропаднатата пирамида, а за возврат бараат уплата на одредени средства.
Таков беше случајот и со Conti, каде што се појави платформа која им нуди враќање на пропаднатите средства на жртвите, откако ќе уплатат 100 долари.
Доменот на оваа веб-страница е регистриран еден ден по престанувањето на работата на Conti.
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, за случајот се уште нема кривична пријава, предупредувајќи ги граѓаните да не подлегнуваат на вакви измами.
„Согласно информациите коишто ги добив утринава за овој потенцијален кривично-правен настан, кривична пријава официјално не е поднесена. Но, морам да изразам една огромна загриженост за ваквиот тип на пирамидален, инвестициски, финансиски потенцијален криминал којшто се случува по не знам кој пат во Македонија. Од страна на службите бев информиран дека многу слична апликација за измама на граѓани била констатирана и во 2022 година“, изјави Тошковски.
Conti не е изолиран случај, постојат куп други платформи!
Платформите од ваков ист или сличен тип продолжуваат да ги мамат граѓаните, а освен Conti секојдневно се среќаваат и други слични вакви платформи.

Ги има повеќе, два такви примери се платформите на Eternal и DGPT. Овие платформи многу наликуваат на Conti и останатите платформи со позадина на пирамидална шема.


Искуства од Conti
На Instagram профилот moi_finansii, фокусиран на содржини поврзани со подобрувањето на финансиската писменост, се објавуваа искуства и мислења на жртвите и потенцијалните жртви на Conti.


Зошто платформите од ваков тип и понатаму ги мамат граѓаните?
Секојдневно се соочуваме со најразлични интернет измами, од лажни giveaways, преку фишинг напади на секој чекор, па сѐ до платформи со позадина на пирамидални шеми.
Очигледно е дека многу македонските граѓани не сакаат да се информираат и едуцираат на овие полиња, а од друга страна, измамниците и натаму успеваат да ги измамат граѓаните со истите или слични техники.
Начините на измами се пресликуваат од еден пример во друг, но и понатаму е голем бројот на граѓани кои сакаат да се збогатат, а притоа да не работат ништо или како во случајов – “Да пијат кафе додека лајкуваат видеа на интернет”.









