3 причини зошто е сега одлично време да ја проверите Starfield

Поради три клучни причини, сега е одлично време да се провери Starfield. Но, доколку ја посетите Steam страната за Starfield ќе забележите дека играта на Bethesda се има вдомено помеѓу претежно негативни рецензии. Со само 35% од рецензиите позитивни, би можеле да се запрашате со кој памет баш сега листаме три причини и охрабруваме да се провери Starfield.

Зошто толку негативни рецензии?

Голем број од таквите негативни рецензии првенствено се врзани за неодамна излезениот Creations систем – еден вид хаб за бесплатни и платежни модови. Creations никако не е нова работа; озлогласената „продавница“ ја има во Skyrim, ја има во Fallout 4 и, сосема очекувано, се појави и во Starfield. Големиот број на негативните рецензии е поради нудење многу мали DLC за многу голема цена. DLC кое може да се заврши за дваесетина минути се продава по цена од 500 денари. Ваквата политика им е како трн во око на многу гејмери.

Паралелно со ова, не помага и тоа што некои гејмери очекуваа премногу од Starfield, како поголема слобода при управување со вселенскиот брод и повпечатливо истражување на планетите. Водени од култните хитови како No Man’s Sky, голем дел од гејмерите очекуваа проширување и надмашување на системите, како и значително поголема инвентивност во скоро сите аспекти на играта. Наместо тоа, видоа во Starfield слабо-оптимизиран, неинвентивен и празен Skyrim спин-оф. Што, сметаме, е нефер компарација, но, кога нешто многу сакате, тогаш е очекувано и многу да го мразите. А, Bethesda отсекогаш имала легија од страствени фанови.

И покрај овие работи, јули се чини како одличен месец да заборавите на огромните горештини и да се втурнете во оваа комплексна RPG игра. Доколку и пријдете со отворен ум и без тежината од очекувањата дека ова е прва нова игра за Bethesda во последните 25 години, тогаш би можеле да уживате во одредени светли точки кои се својствени за Starfield:

Добрата страна на Starfield:

  • Приказна, презентација и дизајн– Иако има веќе-видени и лесно предвидливи работи, приказната во Starfield е долга, комплексна и со бројни заплети. Глумата е на исклучително високо ниво, како и дизајнот на одредени планети.
  • Одличен борбен систем – Ако уживавте во користењето на огнените оружја во Doom, тогаш двојно ќе уживате во Starfield. Со сличен систем, Bethesda се залага да понуди адреналински битки каде оружјата се креативни и со одлична респонзивност.
  • Градење дом надвор од домот – Слично како режимот за градење во Fallout 4, и во Starfield ќе можете да градите најразлични работи со ресурсите кои ги собирате. Се работи за комплексен систем кој ќе ја разбуди вашата креативна страна и ќе ви дозволи да изградите и украсите преубави места.
  • Избезумени вселенски битки – Дали на земја, дали во вселена, битките се најсветлата точка во Starfield. Кога го управувате вашиот вселенски брод, мора да внимавате на распределба на енергијата помеѓу шитовите, оружјата, моторот, како и другите системи. Соочени со непријателските бродови, првин треба да го „симнете“ нивниот штит со ласерски оружја, а потоа да го „исцепите“ трупот со балистика и проектили.
  • Импресивна надградба на бродови – Вселенските бродови може да се прошируваат, да им се вметнуваат модули, оружја, како и да се ставаат појаки штитови и генератори. Уредникот е доволно моќен за да ви дозволи да направите некои култни бродови како што ги имате видено во познатите серии и филмови.
  • Силни можности за надградба на ликот – Почнувате со сосема просечен лик, но како собирате искуство можете да отклучувате нови способности и да ги надградувате веќе постоечките. Откако ќе отклучите некоја способност, ќе добиете мини квест за истата. По исполнување на задачата, ќе можете дополнително да ја надградите истата способност. По десетици часа играње, нема да можете да си го препознаете ликот и ќе можете полесно да се справувате со предизвиците.
  • Одлични квестови! – Убавината во Starfield лежи во споредните квестови кои значително даваат длабочина и ги менуваат перспективите за целиот универзум.

Доколку ова не е доволно, имаме уште три дополнителни, но клучни причини поради кои сега е одлично време да се провери Starfield:

#1 – Константни надополнувања

Независно од вашето мислење, Bethesda никако не крева раце од играта и скоро секој месец исфрла одредени надополнувања за играта. Последното надополнување излезе во јуни и донесе бројни исправки и новитети.

  • Систем за скенирање на сите оние што имаат цена на нивната глава, при што полесно можете да ги најдете и да си ја соберете наградата
  • Можност за модифицирање на ладните оружја
  • Можност за создавање муниција
  • Бројни исправки на багови
  • Нови мисии поврзани со Trackers Alliance
  • Creations системот кој, иако има лоша страна, сепак не би го таке лесно отфрлиле поради нашата втора причина

#2 – Бесплатни модови интегрирани со играта

Да, Creations има, според нас, нефер ценовник за одредени модови. Модовите отсекогаш биле бесплатни и треба да бидат бесплатни. Ако сакаме да ги наградиме авторите нека биде тоа преку систем на одредување донации, а не со астрономско високи цени. Да, во право сте, но, ако сега го отворите Creations, ќе видите дека бројот на бесплатни модови е значително поголем од бројот на платежни. Благодарение на ова, добивате беспрекорен начин за брза интеграција со саканите модови директно од самата игра. Мора да се цени ваквата погодност.

#3 – Starfield Shattered Space 

Првото DLC за Starfield делува апсолутно феноменално и особено ни се допаѓа Dead Space вајбот кој го добиваме од гледањето на трејлерот. Додатокот ќе ни дозволи да ги откриеме мистериите на планетата на Va’ruun на нова територија, против нови непријатели и со нови оружја. Но, за да успееме во тоа, првин треба да поминеме низ основната игра и правилно да се опремиме за предизвикот кој демнее во блиска иднина.

И покрај одредени лоши страни, Starfield сепак не е лоша игра и, доколку сте фанови на длабоки и имерзивни sci-fi RPG игри, особено доколку сте фанови на Skyrim и Fallout 4, би требало да и пружите (втора) шанса на Starfield.

Повеќе детали за играта

Стани премиум член и доби пристап до сите содржини, специјален попуст на над 2.200 производи во ИТ маркет, верификуван профил и можност за огласување на ИТ Огласник. Плус ќе го поддржиш медиумот кој го градиме цели 16 години!

basic

членство

42 ден./мес

зачлени се

1337

членство

125 ден./мес

зачлени се
* плаќањето е на годишно ниво

Доколку веќе имаш премиум членство, најави се тука.

Добивај известувања
Извести ме за
guest
0 Коментари
Најнови
Најстари Со највеќе гласови
Inline Feedbacks
View all comments
види ги сите огласи на kariera.it.mk