Ужасите од Втората Светска Војна се огромни и доаѓаат во многу форми. Преку очи на малечко девојче, Torn Away е игра која прикажува само дел од нив, но она што го покажува е сосема доволно да ве растревожи. Во навидум безизлезната борба против гладот, елементите и луѓето, десетгодишната Асија се втурнува во долго и макотрпно патување низ Германија и Полска, се со цел да успее да се врати дома.
Torn Away е карактеристична авантура, но со елементи и механики кои се својствени за едно десетгодишно девојче. Па така, на одредени места, ќе посветите време истражувајќи, допирајќи и размислувајќи за најразлични предмети, а на други места ќе пробате да изнајдете нешто за јадење или за подобро справување со елементите. Во одредени ситуации, ќе разговарате со луѓе кои ќе сакаат да ви помогнат и да ви го олеснат патувањето, но во други ситуации ќе наидете на бескрупулозни луѓе кои не ве перципираат како човечко суштество.

Ваквиот силен контраст и скокање помеѓу две екстремни точки на добро и лошо се мајсторски потпомогнати со впечатливите и уникатно обоени цртежи, феноменална глума и звучна подлога која супериорно ја доловува ситуацијата во која се наоѓа девојчето. За уште поголема тензија, во одредени ситуации ќе биде потребно да се прикрадувате и да ги избегнувате војниците. Ваквите секвенци не се чести, но се секогаш добредојдени за разбивање на монотонијата од секојдневни активности.

Денеска, игри кои ја обработуваат Втората Светска Војна се реткост, а Torn Away се чини како богата енциклопедија од бројни трогателни моменти прераскажани преку ситуации кои често ги земаме здраво-за-готови. Како за прва игра, на која е работено 4 години, студиото perelesoq се имаат потрудено да понудат впечатливо искуство, особено доколку го обожавате рускиот јазик и нивните обичаи.




Повеќе детали за играта
- Произведува: perelesoq
- Издава: perelesoq, Hawthorn Games
- Жанр: авантура
- Платформа: Microsoft Windows
- Излезена на: 29 септември 2023