Како и остатокот на светот и мафијата се префрла онлајн. Во заедничка полициска акција во Европа, италијанската и шпанската полиција уапсија 106 осомничени на островот Тенерифе. Уапсените се обвинети за манипулации со SIM-картички (SIM swapping) и компромитирање на бизнис имејл адреси.
Во акцијата се запленети 224 кредитни картички, SIM картички, POS терминали, но и опрема за садење, одржување, и дистрибуција на марихуана. Групата се занимавала и со онлајн криминал, најчесто онлајн измами на повеќе жртви.
„Помеѓу членовите на групата има и компјутерски експерти кои креирале фишинг домени и извршиле сајбер измама; регрутери и организатори на перење на пари (money muling); експерти за перење на пари, вклучувајќи и експерти за криптовалути“, вели портпаролот на Еуропол.
Уапсените кои се поврзани и со Италијанската мафија се обвинети дека преку фишинг измами и манипулации со SIM-картички, успеале да оштетат стотици жртви. Групата успеала да измами жртвите, најчесто италијански државјани да пратат поголеми суми пари на банкарски сметки контролирани од криминалната група. Илегалниот профит на целата операција е проценет на околу 10 милиони евра.







