Вентилаторите во куќиштето од вашиот компјутер никако не се за потценување и играат клучна улога во ладење на компонентите. Вентилаторите работат со оптимална брзина која е оформена од потребата да се лади хардверот без да се црпе премногу енергија.
Токму поради тоа, доколку забележите невообичаено загревање, еден од препорачаните чекори е внимателно да ги исчистите вентилаторите од наталожената прашина на перките. Во случај и тоа да не помогне, би можеле да ја искористите алатката Fan Control и да добиете детален увид и контрола врз вентилаторите, како и температурите кои се развиваат низ интерните компоненти.
Fan Control уредно ја прикажува активноста на секој вентилатор и ви дозволува да извршите одредени промени, како и да сочувате или покренувате најразлични профили. Се препорачува одредена доза внимателност и знаење при играње со опциите на алатката.







