Сервисот за онлајн плаќање PayPal ја излиста Србија меѓу земјите чии корисници можат да отворат своја е-сметка. Преку оваа сметка српските корисници можат да отворат бизнис или индивидуална сметка, и првата година ќе можат да купуваат добра онлајн, а потоа ќе можат и да продаваат, т.е. наплаќаат. Сè уште нема поддршка за српскиот јазик.
Македонија пак повторно е изоставена од листата, иако ИТ министерот Иво Ивановски најавува достапност на PayPal веќе неколку години по ред со oбјаснување дека „се е подготвено, само PayPal треба да одлучи“. Сите други соседи на Македонија веќе имаат пристап до сервисот со кој може да се потпомогне е-трговијата. Дали ова значи дека PayPal одлучил дека на Македонија не и треба ваков сервис, можеби бидејќи нема никаква е-трговија?
<надополнето> Според Министерството за информатичко општество, тие ги имаат исполнето условите на PayPal, но останува до PayPal да процени дали има потенцијал да се стартува сервисот во Македонија и кога. Тој потенцијал може да се мери според издадени кредитни картички, според купопродажната моќ на корисниците и според обртот на пари во е-трговијата. Oдлуката останува во рацете на PayPal.
„PayPal бараше Народна банка да ја промени регулативата македонски граѓанин да може да има сметка во странство. НБР донесе исклучок во таа одлука. Доколку станува збор за финансиско споредување, како PayPal, македонски корисник може да отвори сметка во странство на која може да има до 2.500 евра/месечно. Но, PayPal е тој што прави проценки на пазарот, и таа одлука останува целосно во рацете на фирмата која е во приватна сопственост.“, вели Благица Андреева од МИОА.
PayPal е еден од најпопуларните финансиски сервиси во светот кој дозволува лесно купување на добра. Наместо да внесувате број на картичка секој пат кога ќе сакате да купите нешто, вие ги складирате вашите картички со PayPal сметка и потоа купувате, или продавате, добра само со еден клик.

Коментари
25 коментари
Коментарите се затворени.