0 коментари 5 мин. читање

#Covid19 – локални ИТ новости: онлајн мапи и бесплатни е-услуги

Пандемијата на COVID-19 сè уште е далеку од изонаоѓање на адекватно решение и намалување на бројот на заболени. Додека бројката на смртни случаи достигна рекордна бројка вчера во Италија, на глобално ниво бројката се зголеми на над 160.000, во Македонија ситуацијата се чини дека се уште е под контрола со преземени превентивни мерки и во целосен карантин ставени Дебар и Центар Жупа поради пошироката локална трансмисија.

Во ситуација на препорачан (и за луѓето кои доаѓаат од ризични и средно-ризични земји, задолжителен) карантин, очекувано е да произлезат онлајн алатки и дестинации на кои може подобро да се информираме за ситуацијата околу коронавирусот COVID-19.

Covid19.mk

Covid19.mk е сајт кој ги групира податоците поврзани со вирусот, од основни за тоа што треба да направиме за најдобро да се заштитиме од заразата па се до интерактивна мапа која се ажурира автоматски. Покрај упатствата за самоизолација и миење раце, на сајтот може да ги пронајдете и сите телефонски броеви до здравствените центри од каде медицински екипи ги тестираат пациентите, како и линкови до прес конфернециите на министерот за здравство Венко Филипче.

Повеќе на covid19.mk

Еве ги најчесто споделуваните совети кои мора да следите:

  • Мијте ги рацете често, користејќи сапун и вода, подолго од 1 минута, внимавајќи да ги опфатите сите делови од дланката и прстите.
  • Избегнувајте близок контакт со болни лица или лица кои се вратиле од патување од земја со висок или среден ризик.
  • Користете средства за дезинфекција или алкохолни марамчиња.
  • При кашлање или кивање покријте ги носот и устата со марамче за еднократна употреба и веднаш потоа фрлете го на безбедно место. Доколку немате марамче, покријте ги носот и устата со рака свиткана во лактот.
  • Следете ги препораките на Министерството за здравство и редовно информирајте се од надлежните институции за најновите вести и насоки.

Дополнително на страницата може да ги следите и најновите известувања од Министерството за здравство и Владата.

COVID-19 мапа на Македонија

Глобална интерактивна мапа на распространување на COVID-19 e достапна веќе одредено време, а компанијата ГДи Скопје ја прилагоди за потребите на граѓаните на Македонија.

Со ова сите заинтересирани можат на едно место да ги дознаат сите официјални податоци за заболените во Македонија.

„Во овие моменти на криза, сакаме да помогнеме на населението и на институциите вистински и во реално време, да ја следат состојбата со развојот на вирусот во Македонија. Кога ќе се уредат сите просторни податоци на едно место, полесно е да се избегне кризата и да се донесат вистински одлуки. Овозможува едноставен и прегледен приказ во служба на информирање на јавноста, но пред се е корисна алатка за оние кои носат одлуки и мерки за сузбивање на вирусот. Затоа што животот во доба на корона вирусот, всушност, е живот во криза“, вели Дејан Крстевски, генерален директор на ГДи Скопје.

Линк до локалната мапа.

Официјална владина страница

Владата објави дека има посебна страница за ситуацијата со коронавирусот. Официјалните податоци и совети за COVID-19 може да ги пронајдете на страницата COVID-19 која е изработена специјално за пандемијата. Веројатно најточните, најбрзо-достапни, и прецизни податоци се достапни на оваа страница, па ако имате нешто што ве интересира или сакате да проверите ова е без сомневање најдобрата локација.

А1 со гратис интернет, банките со бесплатни електронски услуги

А1 Македонија со цел да им го олесни и да им го подобри седењето дома на корисниците бесплатно ќе им „даде“ 10GB мобилен интернет и дополнителни бесплатни TВ канали. Пакетот е достапен за сите претплатници на A1, а активирањето е преку мобилната апликација Мојот А1. Каналите кои до крајот на месецот се бесплатни за корисниците се: CinestarTV Premiere 1 и CinestarTV Premiere 2, а за децата достапни ќе бидат каналите Nickelodeon, Nickelodeon Jr, Cartoon Network, Boomerang и Baby TV.

Банките со бесплатни електронски услуги за физичките лица

НЛБ Банка во периодот до 15.04.2020 година на сите свои клиенти физички лица им овозможува бесплатно извршување на сите трансакции преку електронско и мобилно банкарство. Во овој период клиентите ќе имаат можност да ги извршуваат сите банкарски трансакции од дома, директно преку мобилен телефон или комјутер, без провизија за електронски налог и без трошоци за месечен надомест за користење на НЛБ мКлик мобилната апликација.

Халкбанк исто така ги информира своите клиенти дека започнувајќи од 16-ти март па се до  31-ви март банката нема да наплаќа провизии на физички лица преку e-banking и moby-banking за сите плаќања во денари. Овој чекор Халкбанк го презема со цел да се избегне физичка посета на банките како мерка на претпазливост и грижа на здравјето. Преку користење на онлајн услугите на Халкбанк наместо класичното одење на шалтер, се заштитуваат и корисниците на банкарски услуги и вработените на шалтерите.

НБРМ советува да не се користи кеш

Дополнително, НБРМ излезе со сооптешние во кое советува да се избегнува користењето на кеш со цел спречување на ширењето на вирусот.

– Заради заштита на јавното здравје, апелираме да се избегнува користење готовина и плаќањата да се вршат со платежни картички, да се избегнува посета на експозитурите/филијалите на деловните банки, како и на штедилниците и менувачниците и банкарските услуги да се користат преку сервисите за електронско, мобилно и телефонско банкарство. За прашања, консултации и дописи до Народната банка, да не се доаѓа лично во просториите на Народната банка, туку тоа да се оствари преку е-адресата [email protected]. Контактиравме и со деловните банки, при што им ги соопштивме овие препораки и дадовме насоки за управување со оперативните ризици, заради намалување на можните негативни последици – истакнуваат од НБРМ.

Напишано од

IT.mk е портал и прв македонски форум за информатичка и комуникациска технологија кој секојдневно објавува најнови вести поврзани со оваа индустрија.

Мени
Заедница
Изглед
To top