Иако со Firefox Developer Edition, девелоперите добија супер алатка, и користењето на Google Chrome има свои предности. Дел од предностите секако доаѓаат од Google Developer Tools во Chrome. Друг дел доаѓаат од дел од екстензиите кои се достапни за инсталирање.
Во зависност од специфичните потреби секој може да си одреди дали и кои екстензии му се потребни. Дел од функционалностите кои ги нудат овие алатки веќе се достапни во Developers Tools, но ако често ги користите можеби сакате да ви бидат подостапни.
Web Dеveloper
Веројатно откако ќе го прочитате името самото ви кажува за каква алатка станува збор. Екстензијата всушност е сет алатки кои им помагаат повеќе на „frontend“-девелоперите, но не исклучиво и има куп различни функционалности кои не само што помагаат при развој, туку помагаат и за тестирање и пронаоѓање на грешки. Екстензијата има над 1 милион корисници и е оценета со над 4,5 „ѕвезди“. Автор на екстензијата е Крис Педрик.
Она што е најважно е дека се е сместено во една икона на лентата (toolbar) за екстензии. Со притисок на копчето се отвораат куп уредно поделени и сортирани во подменија за манипулации и едитирање.
Екстензијата има премногу функционалности за да ги наброиме, и веројатно ќе пронајдете сè за своите потреби.
Менито е поделено „тематски“, на пример во „Disable“ се сместени сите функционалности кои исклучуваат различни елементи со кои се креира функционалност на страниците. Пример исклучување на сите јаваскрипти; сите нотификации; попап прозорци и слично.
Интернет колачињата имаат друг посебен прозорец кои овозможуваат куп функционалности од додавање на интернет колачиња, бришење на интернет колачиња во сесија до прегледување на податоците за некое колаче.
Други функционалности олеснуваат пронаоѓање на пропусти во html. На пример „Display Link Details“ ги покажува сите атрибути на линковите: href, target, rel и слично. Сосем трета функционалност овозможува пронаоѓање на дупликати „id“.
Window Resizer
Windows Resizer и не нуди некоја преголема функционалност која веќе не е достапна како интегрирана алатка во најголем дел од прелистувачите. Екстензијата има 600 000 корисници и оценета е со оценка 4.3 од 5, иако ако ги користите можностите на прелистувачот оваа висока оценка ќе ви биде изненадување.
Малку поедноставно и почисто отколку Chrome Developer Tools алатката овозможува креирање на прозорци од прелистувачот со предефинирани големини, иако како што веќе споменавме не гледаме причина зошто алаткава е неопходна. Единствена предност е што може да ја извадите како посебен прозорец со кој ќе ја регулирате големината на прелистувачот.
CSS Viewer
CSS Viewer е супер едноставна екстензија која ви презентира сè од основните css-својства во прозорец додека „прелетувате“ над елементите.
Chrome веќе слична функционалност, ново која прикажува дел од CSS во блок кој се појавува кого со глувчето преминувате преку елементот. Сепак CSS Viewer покажува значително повеќе податоци.
Со помош на CSSViewer набрзина ќе дојдете до маргините, падингот, позадината, големината и фамилијата на фонтот. Ова е одлично ако сакате набрзина да прегледате некои карактеристики.
Она што нема да ви го покаже се калкулациите кои се прават како дел од CSS. За ова и натаму ќе ви биде потребно да си користите други алатки.
JSON Viewer
Ако за апликацијата или за сајтот кој го развивате податоците ги добивате како JSON, оваа екстензија може да ви заврши многу работа. Екстензијата нуди форматирање на одговорот со што податоците се многу поедноставни за преглед.
Екстензијата има повеќе различни теми можност за „криење“ (collapse) на нодови и куп различни функционалности кои може да ви помогнат во развој.
Full Stack Optimization Live Test
Екстензијата набрзина ја анализира веб-страницата и покажува куса анализа на податоците. Податоците се однесуваат на брзината на вчитување, како страницата е подготвена за мобилен уред, дали е оптимизирана за SEO и слично.
За ова секако има и значително порелевантни и покорисни алатки, кои ако ви требаат овие податоци веќе и ги знаете.
ColorPick Eyedropper
ColorPick Eyedropper е супер едноставна алатка за користење која овозможува селектирањe на боја која е прикажана на веб-страницата.
Дополнително екстензијата го олеснува ова со тоа што се зумира околу позицијата околу која е курсорот на корисникот. Со притискање на копчето ја одбирате бојата и го добивате RGB кодот на бојата.
Овие алатки се наменети единствено да ви ја олеснат работата, и да ви помогнат со заштеда на малку време. Најголемиот дел од работата останува на девелоперите кои ќе мора да пронајдат соодветен и ефикасен начин за користење на овие алатки.
Со оглед на тоа колку екстензии има за Google Chrome секако сме пропуштиле куп од подобрите и покорисните. Ако ни пишете кои се екстензиите кои вие најчесто ги користите и најмногу ви помагаат ќе ги додадеме на следната листа.